Казањ отвора ново поглавје во женскиот шах

148

И жените ќе играат Турнир на кандидатки за одредување на предизвикувачката на светската првенка. Осум од најдобрите шахистки во светот ќе играат по Бергеров систем, на турнир со драстично зголемен награден фонд

Трката за титулата светска првенка во шах ќе почне во рускиот град Казањ (29 мај – 19 јуни), со обновениот Турнир за кандидатки, најсилен женски настан досега со рекорден награден фонд од 200.000 евра. Вкупно осум врвни шахистки ќе се играат меѓу себе, а победничката ќе ја предизвика актуелната шампионка, Кинезинката Венјун Ју.

По повеќе од 20 години, шахистките повторно ќе играат Турнир на кандидатки. Она што го најави новиот претседател на Светската шаховска федерација (ФИДЕ), Русинот Аркадиј Дворкович веднаш по неговиот избор, односно преобликувањето и подобрувањето на системот за светска првенка се оствари. Осум од најдобрите шахистки во светот ќе играат по Бергеров систем, односно секој со секого по две партии со значително поголем награден фонд, а финалистките за титулата ќе играат за половина милион евра. Тоа значи зголемување од 150 отсто во однос на претходниот финален светски шампионат, со што и го прави шаховскиот настан во Казањ најдобро платен од сите женски турнири во историјата.

Казањ, кој очигледно отвора ново поглавје во женскиот шах, е седмиот руски град во Русија по бројност на население, со околу 1,3 милион жители. Тој е познат спортски центар кој беше домаќин на Универзијадата во 2013 година, но и еден од градовите-домаќини на СП во фудбал во 2018-та, а во 2011 година и организатор на Турнирот на кандидатите во шах, на кој триумфира израелскиот велемајстор Борис Гелфанд. 

Венјун Ју

Шахистки што ќе настапат на турнирот

Катерина Лагно (Русија, 2.554, финалистка на СП 2018)
Марија Музичук (Украина, 2.563, полуфиналистка од СП 2018)
Александра Костењук (Русија, 2.539, полуфиналистка од СП 2018)
Ана Музичук (Украина, 2.555, се квалификува со рејтинг)
Валентина Гунина (Русија, 2.506, се квалификува со рејтинг)
Нана Џагнидѕе (Грузија, 2.513, се квалификува со рејтинг)
Тан Жонгуи (Кина, 2.512, се квалификува со рејтинг)
Александра Горјачкина (Русија, 2.534, се квалификува како прва замена)