ИКАС слави половина век постоење

142
Низ Треска ќе се спуштат деведесетина кајакари на 50-от роденден на ИКАС

Во рамките на Илинденскиот кајак-слалом, како и лани, ќе се одржи првото од шесте кола во Европскиот куп во спуст, со спринт на патеката долга 300 метри

На реката Треска, на Матка, во близината на Скопје, деновиве сѐ е во знакот на кајакот на диви води. Викендов на програмата е 51-от, традиционален Илинденски кајак-слалом (ИКАС), чие прво издание беше во 1969 година. Покрај натпреварите во слалом, во рамките на ИКАС, како и лани, ќе се одржи првото од шесте кола сезонава во Европскиот куп (ЕК) во спуст, со спринт на патеката долга 300 метри.

Според информациите од организаторите, на годинашниот Илинденски кајак-слалом на Треска ќе настапат околу 90 кајакари од 13 земји. Македонија ќе ја претставуваат најдобрите кајакари во моментов, Љубомир Спасиќ, Христијан Игнатов, Александар Златаров, Ангел Петрушев, Виктор Миланов и Борче Мирчевски. Тие ќе настапат и во слаломот и во спустот, во рамките на Европскиот куп.

– Во добра форма сум, одлично се чувствувам и ќе сторам сѐ што е до мене да забележам добар пласман, односно да освојам едно од првите три места во спустот, во мојата дисциплина. Конкуренцијата ќе биде доста силна, ќе настапат квалитетни кајакари од Србија, од БиХ и од други земји, ќе биде неизвесно – вели Спасиќ, најдобриот македонски кајакар. 


Николовски: Зад нас се многу години организаторско искуство

Деновиве на Треска се одвиваат последните технички работи околу патеката, а се очекува да пристигнат натпреварувачите и гостите од странство за 51-от Илинденски кајак-слалом (ИКАС).
– Подготвени сме. Зад нас се многу години организаторско искуство, мислам дека ќе нема никакви проблеми, се надевам и дека времето ќе нѐ посака. На спортски план очекувам добри изданија на македонските кајакари и пласмани во финалето. Минатите години и децении ИКАС имаше подеми и падови, но фактот дека издржа половина век и сега продолжуваме понатаму, како и фактот дека е втора манифестација од ваков вид според долговечност во Европа, по натпреварот во Липтовски Микулаш во Словачка, кој се одржува околу 60 години, говорат многу – вели Атанас Николовски, спортскиот директор на ИКАС.