За ЗОИ 2026 главно ќе се користат постојни и привремени објекти

121

Во однос на натпреварувачките локации, 13 од вкупно 14 објекти (93 проценти) ќе бидат постојни или привремени за ЗОИ 2026, кои ќе се одвиваат во Милано, Кортина д`Ампецо, Бормио, Антхолц, Вал ди Фјеме, комбинирајќи атракции на модерна европска метропола со класична алпска средина

Со 47-34 италијанските Милано и Кортина д`Ампецо ги победија шведските Стокхолм и Оре во гласањето во Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) за домаќинство на Зимските олимписки игри (ЗОИ) и Параолимписки игри (ПОИ) во 2026 година. Така, Зимските игри се враќаат во Италија по 20 години, откако во 2006 година домаќин беше Торино, а во Кортина д`Ампецо по 70 години, оти тоа планинско место беше самостоен домаќин на ЗОИ во 1956 година.

– Честитки за Милано и за Кортина. Можеме да очекуваме извонредни и одржливи ЗОИ во традиционална зимска спортска земја. ЗОИ 2026 ќе се одвиваат во прекрасни предели, комбинирајќи атракции на модерна европска метропола со класична алпска средина. Кандидатурата за ЗОИ 2026 ја покажа успешноста на Олимписката агенда 2020. Ги намаливме трошоците и сложеноста на програмите за развој на проектите за ЗОИ и ЛОИ, кои сега им служат на долгорочните развојни цели на заедниците на домаќините и носат одржливост и наследство. Ова доведе до значително намалување на организацискиот буџет и користење на 93 отсто постојни или привремени натпреварувачки места – изјави Томас Бах, претседателот на ИОК.

Регионот има зимски спортски сали од светска класа, почнувајќи од арените на Милано до добро познатите места на кои се одржуваат натпревари од светските купови во зимски спортови, во Кортина, Бормио, Антхолц и Вал ди Фјеме. Во однос на натпреварувачките локации, 13 од вкупно 14 објекти (93 проценти) ќе бидат постојни или привремени, велат од ИОК. Свеченото отворање е предвидено да се одвива на стадионот „Сан Сиро“ во Милано, а затворањето во арената во Верона.


 

ПРЕДВИДЕНИ ЛОКАЦИИ ЗА ЗОИ 2026
Милано: свечено отворање (стадион „Сан Сиро“), уметничко лизгање, кратки трки во брзо лизгање, хокеј, подиум за доделување медали
Кортина д`Ампецо: алпско скијање, боб, санкање, скелетон, карлинг
Вал ди Фјеме: скијачки скокови, нордиска комбинација, нордиско скијање, брзо лизгање
Бормио: алпско скијање
Ливињо: сноуборд, фристајл скијање
Антхолц: биатлон
Верона: свечено затворање