Железничкиот систем во Токио преоптоварен, големи мешаници за време на ЛОИ 2020

110

Од 1964 година, железницата во Токио има специјални „ошија“, или „туркачи“, кои носат бели нараквици, за да ги сместат патниците во преполните вагони во работниот шпиц

Главниот град на Јапонија, Токио, има еден од најнапредните системи за јавен превоз во светот, но на помалку од една година до почетокот на Летните олимписки игри (ЛОИ) 2020 година, локалните власти, компании и патници се подготвуваат за големиот број настани што можат да ги стават на голем испит железничкиот транспорт и автопатите.

Професорот Азума Тагучи од универзитетот „Чуо“, кој со години го истражува железничкиот систем на Токио, вели дека тој веќе е двојно пооптоварен и дека за време на Игрите би можело да се достигне критично ниво.
– Кога капацитетот е надминат двапати или трипати над нормалниот, можно е некои луѓе да бидат убиени – изјави Тагучи за „Асошијтед прес“.

Неговата компјутерска симулација предвидува дека најголемиот бран посетители на Игрите ќе се судри со локалните патници на најфреквентните станици во текот на утринската сообраќајна мешаница кога тие одат на работа, но и дека помалите станици најблиску до олимписките борилишта ќе бидат преполни.
Студијата на Тагучи предвидува дека 15 станици ќе имаат зголемен обем на сообраќај до 200 отсто, а неколку речиси и до 400 отсто!

Од ЛОИ 1964 година, железницата во Токио има специјални „ошија“, или „туркачи“, кои носат бели нараквици, за да ги сместат патниците во преполните вагони во работниот шпиц. Локалните жители веќе се навикнати на тој третман, но на посетителите тоа можеби нема да им се допадне.
Организаторите ги доведуваат во прашање сериозните предвидувања на Тагучи. Тие признаваат дека железницата ќе биде оптоварена со нови 800.000 патници дневно и предвидуваат дека доцнењата ќе се удвојат.

Загриженоста за транспортот не е ништо ново кога станува збор за ЛОИ. Мешаниците честопати се преценети, како што беше случајот во Лондон 2012 година. Потенцијалните туристи понекогаш и не доаѓаат во градот, знаејќи дека е лошо време за посета и оти цените на сите услуги драстично се зголемени. Тоа се случи во Пекинг во 2008 г., како и пред три години во Рио.

– Во Токио возовите секојдневно се полни 100, 150, до 180 отсто и ние добро знаеме како да се справиме со патниците низ станиците. Главната грижа ни е како странците ќе ги користат станиците. Можеби не знаат како да се справат со сево ова – вели Кацухиса Саито, шеф на стратегијата за транспорт на организаторите на ЛОИ.
Тагучи и организаторите се согласуваат за една работа. Останувањето на јапонските работници дома за време на Игрите би можело да биде дел од решавањето на проблемите.

Организаторите бараат од компаниите во Токио да ги охрабрат своите вработени да работат од дома за време на ЛОИ, кои треба да започнат на 24 јули и ќе траат до 9 август 2020 година. Тие велат дека повеќе од 2.000 компании се согласиле на такво нешто. 


Никој не сака да одмора!

Професорот на универзитетот во Токио, Кацухиро Нишинари, работи со Организацискиот комитет и е експерт за проучување на однесувањето на толпата.
– Ние сме навикнати да имаме еден натпревар дневно на стадион, но за време на Игрите ќе имаме пренатрупан распоред и три до четири натпревари секој ден. Публиката ќе се менува два или трипати, и во тој сегмент немаме искуство – вели тој.
Друг голем предизвик ќе биде да се убедат светски познатите трудољубиви Јапонци следното лето две недели да не доаѓаат на работа и да не патуваат.
– Им објаснуваме на сите компании и на медиумите и бараме од луѓето во текот на тие две недели да не работат и да уживаат во Игрите – истакнува Нишинари.