ЕП во Скопје ќе биде едно од најмногубројните досега?

287

Македонските љубители на шахот од 19 март ќе имаат можност да видат многу познати шаховски имиња, бивши светски и европски прваци. Засега се пријавени вкупно 370 шахисти, што е повеќе од минатото ЕП и од шест од претходните седум ЕП

На 10 дена до почетокот на првото коло на јубилејното 20-то Европско поединечно првенство (ЕП) во шах во Скопје (19-29 март), својот настап го потврдија вкупно 370 учесници од 43 држави, од кои најмногу се Руси (50). Од Македонија досега се пријавени 23 шахисти, но мал е одѕивот на велемајсторите (ВМ), само Кирил Георгиев и Александар Чоловиќ. Од сите пријавени, 149 се велемајстори (ВМ). Рекордот во оваа категорија го држи ЕП 2007 во Дрезден со 188 ВМ, а според бројот на учесници најмногу имаше на ЕП 2010 во Риека, 408.
И понатаму прворангиран е актуелниот европски првак во забрзан шах од ланското ЕП во Скопје, Русинот Владислав Артемиев (2.736 рејтинг-поени, моментно 21-ви во светот), а има уште петмина шахисти со рејтинг над 2.700.

Во Скопје македонските љубители на древната игра ќе имаат можност да видат многу силни шаховски имиња, меѓу кои и светскиот првак (ФИДЕ) од 2002 година, Украинецот Руслан Пономарјов (2.667, рангиран 17-ти), во времето кога се играше по пат на елиминација со по две партии, плус дополнителни ако биде нерешено. Во Скопје ќе игра и ланскиот европски првак, Хрватот Иван Шариќ (2.703, 5-рангиран), потоа искусниот Израелец Борис Гелфанд (2.655, рангиран 24-ти), кој е шесткратен учесник во мечевите на кандидатите за светски првак и двократен победник во Светскиот куп, учесник на 11 шаховски олимпијади и кој во 2012 година во мечот за светски првак загуби од Индиецот Вишванатан Ананд, но по дополнително одиграните партии.

Во скопскиот хотел „Хилтон“ ќе игра и македонскиот ВМ Кирил Георгиев (2.595, рангиран на 77-ти), светски младински првак од 1983 година, кој на СП во брз шах во Канада го освои бронзениот медал, при тоа елиминирајќи го во четврт-финалето Русинот Гари Каспаров со 3-1.

На ЕП засега се пријавени и 29 шахистки, од кои највисоко рангирана е двократната руска првенка, ВМ Александра Горјачкина (2.504, рангирана 140-та), а моментно 11-та во светот од активните шахистки. Таа беше и двапати светска првенка до 20 години, а како дел од женската екипата на Гамбит Асеко АЕЕ од Скопје го освои сребрениот медал на Европскиот клупски куп (ЕКК) во Скопје во 2015 година.

На последното ЕП во Грузија, лани, настапија вкупно 302 учесника, од кои 23 беа шахистки, а бројот на ВМ изнесуваше 135.