Една година нема кој да го победи Карлсен

95
Карлсен го прима пехарот од турнирот во Загреб

Светскиот првак без пораз победи и на турнирот во Загреб, сега има низа на непоразеност од 79 партии и славеше на осмиот турнир по ред. Тој освои нови 9,7 рејтинг-поени, со што ќе го израмни својот и највисокиот рејтинг во шаховската историја (2.882 поени)

Актуелниот светски шаховски првак Магнус Карлсен победи и на гранд-турнирот во Загреб (22 категорија, со просечен рејтинг на играчите од 2.782 поени), што е негов осми турнир годинава на кој го крена славеничкиот пехар.
Во последното, 11. коло Норвежанецот го принуди на капитулација Французинот Максим Вашер-Легрев, освојувајќи вкупно осум поени (пет победи и шест ремија) и паричната награда од 90.000 долари.
Со новоосвоените 9,7 рејтинг-поени, тој го израмни својот највисок играчки рејтинг (2.882 поени) и воопшто највисок во шаховската историја, кој ќе се појави на листата во почетокот на август. Неговата низа на непоразеност ја достигна бројката од 79 партии (од 31 јули 2018 година) во класичен шах.

Второто место на турнирот во Загреб го освои Американецот Весли Со, со седум поени, а трет е Ерменецот Левон Аронијан со шест. Карлсен, Со и Аронијан се единствените непоразени во Загреб, најмногу победи (пет) впиша Карлсен, најмногу ремија Аронијан (10), најмногу порази (по три) имаа Шахријар Мамеѓаров, Јан Непомнијашчи и Хикару Накамура, а ниту една победа не остварија Сергеј Карјакин, Вишванатан Ананд, Вашер-Легрев и Накамура.

Со овој триумф Карлсен освои нови 20 поени и се зацврсти во генералниот пласман на серијата на гранд-турнири со 33 поени, втор е Со со 22, а трет Кинезот Лирен Динг со 13. Најдобрите четворица шахисти ќе изборат право за настап на финалниот турнир во Лондон кон крајот на годинава. Карлсен годинава победи на СП во брз шах во Санкт Петербург, потоа на турнирите во Вајк ан Зе, Гренке, Шамкир, Абиџан, Линдорес, Ставангер и во Загреб.

Табела на турнирот во Загреб: Карлсен 8, Со 7, Аронијан 6, Каруана 6, Гири 5,5, Динг 5,5, Непонијашчи 5,5, Карјакин 5, Ананд 4,5, Мамеѓаров 4,5, Вашер-Легрев 4,5, Накамура 4.

Генерален пласман за настап на завршниот гранд-турнир во Лондон: Карлсен 33, Со 22, Динг 13, Вашер-Легрев 12, Аронијан 11, Каруана 11, Непонијашчи 10,5, Накамура 10, Карјакин 8,5, Гири 7, Мамеѓаров 3, Ананд 3, Веи 5, Топалов 2.