Дом на спортови и олимписки дом ќе никнат до 2020-та

1460

Во скопската населба Јане Сандански наскоро треба да почне да се гради повеќенаменскиот дом на спортовите со бесплатни канцеларии за 35 спортски федерации, како и олимпискиот дом, како седиште на МОК, во чии рамки ќе има и Олимписки музеј

Во скопската населба Јане Сандански, на просторот помеѓу спортскиот центар (СЦ) „Јане Сандански“ и новоотворениот хотел „Хилтон дабл три“, на површина од 23.000 квадратни метри, наскоро треба да почне да се градат домот на спортовите и олимпискиот дом.

За првиот дел од работите на домот на спортовите од буџетот на Република Македонија веќе се обезбедени 75 милиони денари (околу 1,25 милион евра), по што за следната фаза ќе се обезбедат уште толку.

Парите за изградбата на олимпискиот дом, пак, се на товар на Македонскиот олимписки комитет (МОК), кој за таа намена од Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) и од други национални олимписки комитети има обезбедено околу 800.000 долари.

Според информациите, идејниот проект за домот на спортовите веќе е изработен, а во наредните два-три месеца би требало да се завршат формалноправните работи, по што би почнале и градежните работи. Ако сѐ оди според предвидувањата, објектот би требало да биде готов до средината на 2020 година.

– Станува збор за повеќенаменска зграда на четири ката, во која ќе бидат сместени македонските олимписки спортски федерации и уште неколку други федерации, вкупно 35, кои со години мака мачат со лошите услови за работа. Во зависност од обемот на работата и од бројот на вработените ќе зависи и просторот што ќе го добијат на трајно користење, без да плаќаат наемнина, од 30 до 300 квадратни метри, на пример. Во домот ќе има и неколку помали сали за состаноци, како и поголеми простории за одржување собранија и други поголеми средби, но и подрумски простории во кои би се чувала опремата што ја поседуваат федерациите – објаснува Даниел Димевски, советникот за спорт на примерот Зоран Заев.

Од спортските содржини, во домот на спортовите ќе има мала сала за боречките спортови, 25-метарски базен, фитнес-зона, мало игралиште со терен за баскет (3х3), како и отворена сцена со амфитеатар кон реката Вардар, која е во непосредна близина, каде што би се одвивале спортско-културни случувања, концерти и слично.
На истата локација, како посебен објект, треба да никне и долгонајавуваниот олимписки дом на Македонскиот олимписки комитет.

– Двата објекта ќе бидат одделни, но меѓу себе поврзани со отворен парк. Ние како МОК не сме за некаква голема градба, доволни ни се неколку канцеларии, сали за состаноци, за приеми и за друго, како и олимписки музеј во кој би се изложила и би можела да се види историјата на македонскиот и на светскиот олимпизам. Планиран е и олимписки парк со најразлични содржини, можеби некои од пријателските олимписки комитети ќе ни подарат некоја статуа или нешто слично. Ние од поодамна имаме идејно решение за ваков објект, тоа на некој начин е одобрено, но ќе треба да се споредат двата проекта, за да видиме како би се вклопиле заедно, па ако биде потребно, ќе направиме некои помали измени – ни изјави Владимир Богоевски, спортскиот директор на МОК. 


На Европските игри во Минск само со покана?

На вторите Европски игри (ЕИ) во Минск, Белорусија (од 21 до 30 јуни), Македонија ќе има „сигурни“ четворица учесници, но со т.н. вајлд-карта, или покана, во четири спорта. Тоа се Андреј Петровски (велосипедизам), Борјан Бранковски (стрелаштво), Владимир Малевски (кајак) и Далибор Богданов (самбо), информираат од Македонскиот олимписки комитет (МОК).
До прелиминарниот рок за пријавување спортисти за настап на ЕИ (ќе има натпревари во 15 спорта), ниту еден спортист од Македонија не обезбеди норма. Постојат шанси уште некои македонски спортисти да настапат на ЕИ, но доколку на наредните поголеми натпреварувања обезбедат норми.
На првите ЕИ 2015 во Баку, Азербејџан, Македонија имаше 54 претставници, од кои двајца каратисти, Емил Павлов и Мартин Несторовски освоија бронзени медали. Л.Д.


ДОМ НА СПОРТОВИТЕ
– повеќенаменска зграда на четири ката
– бесплатни канцеларии за 35 федерации, на трајно користење
– сали за состаноци
– простории за собранија и други поголеми средби
– подрумски простории за опрема на федерациите
– мала сала за боречките спортови
– 25-метарски базен
– фитнес-зона
– игралиште за баскет
– отворена сцена со амфитеатар

ОЛИМПИСКИ ДОМ
– неколку канцеларии на МОК
– сали за состаноци, за приеми и за друго
– олимписки музеј
– олимписки парк со најразлични содржини