Дејвис-купот со нова формула по 118 години!

216

Тенисерите практично самите се изборија за оваа промена на ова популарно натпреварување

На годишното собрание на Меѓународната тениска федерација (ИТФ), која се одржа во Орландо, Флорида (САД), беше донесена историска одлука, односно решено е, по 118 години, да биде сменет форматот на натпреварување во Дејвис-купот, нешто што многу одамна го бараа најдобрите тенисери на светот.
А како, всушност, во иднина ќе изгледа ова натпреварување?

Наместо куп-систем, кој е применуван уште од првото издание во 1900 година, екипниот светски првак во иднина ќе се добива на седумдневен турнир, кој ќе биде организиран на крајот од сезоната. За измена на системот на натпреварување беше неопходна поддршка од 84 национални федерации, а новиот формат доби вкупно 100 гласа. Претседателот на ИТФ, Дејвид Хагерти, го претстави планот, кој предвидува во следните 25 години компанијата „Космос“ (која ја основа фудбалерот на Барселона, Џерар Пике, со поддршка на јапонскиот милијардер Хироши Микитани) во Дејвис-купот да вложи три милијарди долари.
Тој истакна дека, благодарение на ова, на националните федерации ќе им бидат забележливо зголемени приходите од учеството во Дејвис-купот, а наградниот фонд за тенисерите што ќе настапуваат на завршниот турнир ќе изнесува 20 милиони долари, со што речиси ќе биде израмнет со оној на гранслем-турнирите.

Првото натпреварување по новиот формат ќе се одржи од 18 до 24 ноември следната година во Мадрид или во Лил. За титулата ќе се борат 18 национални селекции, со тоа што загарантирано место ќе имаат полуфиналистите на годинашниот „Дејвис-куп“.
За 12 места ќе се борат 24 репрезентации во баражот, кој ќе се одржи во февруари, а ИТФ го задржа правото да врачи и две специјални покани. Учесниците на завршниот турнир ќе бидат поделени во шест групи со по три репрезентации, а мечевите во групите (два во поединечна и два во игра двојки), ќе се играат од понеделник до четврток. Победниците од шесте групи и двете најдобро пласирани втори селекции ќе играат во четврт-финалето во петок, додека во полуфиналните дуели во сабота, а големото финале во недела.

Двете најслаби репрезентации, пак, од групната фаза се селат во зонските натпреварувања, полуфиналистите ќе имаат директно право на учество на завршниот турнир следната година, а преостанатите 12 идната година ќе играат во баражот против 12-те најдобри од зонските натпреварувања.