Да се надмине почетниот ранг во Батуми

229
ЖИМ Габриела Коскоска

Македонски рекордери по бројот на настапи на шаховските олимпијади се ВМ Трајко Недев, кому ова ќе му биде 12-то учество, и ЖИМ Габриела Коскоска, која во Батуми ќе настапи по 11-ти пат

Македонската машка и женска шаховска репрезентација денеска заминаа на 43-та по ред Шаховска олимпијада (ШО), која од 23 септември до 6 октомври ќе се одржи во главниот град на Грузија, Батуми. За шахистите, кои пред почетокот се рангирани 43-ти (2.514 просечен рејтинг), од 185 селекции (246 ВМ, 1 ЖВМ, 148 ИМ) или 919 шахисти, ова ќе биде 13-от настап, додека за шахистките 58-от (2.039) од 151 репрезентација (21 ВМ, 64 ЖВМ) или 794 натпреварувачки, 12-то учество. Во однос на последната ШО во Баку 2016, нови имиња во машкиот состав се ВМ Кирил Георгиев (настапил на една ШО во 2002) и ВМ Владимир Георгиев (настапил на шест ШО), додека од пред две години во репрезентацијата ги нема ВМ Александар Чоловиќ и ФМ Тони Лазов. Кај шахистките, пак, во репрезентацијата се враќаат ЖИМ Габриела Коскоска (досега 10 настапи) и Катерина Петровска (еден настап), а од Баку ги нема младите Симона Лакинска и Ивана Манова. Македонски рекордери по бројот на настапи на ШО се Недев, кому ова ќе му биде 12-то учество, и Коскоска, која во Батуми ќе настапи по 11-ти пат за националниот дрес. Шахистите најдобриот пласман го остварија во Истанбул во 2000 година, кога беа на делба на 7-то место, а шахистките, пак, во Елиста во 1998-та, кога завршија на 34-то место.

ВМ Трајко Недев

– Очекувам пласман за 10 места подобар од стартниот. Последните три кола ќе бидат најважни околу завршниот пласман. Лично ќе се потрудам да го дадам максимумот во партиите што ќе ги играм. Според мене, најголеми фаворити за златниот медал се САД, Азербејџан и Кина – вели ВМ Трајко Недев, кој во Батуми ќе игра на четвртата табла.
Новите олимписки прваци во двете конкуренции ќе бидат познати по одигрувањето на 11 кола, со еден слободен ден по 5-то. Титулите од пред две години во Баку (Азербејџан) ги бранат САД (мажи) и Кина (жени). Кај мажите САД се рангирани први (2.772), а кај жените Русија (2.523). Шахистот со највисок рејтинг е претендент за светската титула, ВМ од САД, Фабиано Каруана (2.827), а кај шахистките, актуелната светска првенка, Кинеската Венјун Ју (2.561). Кај мажите најмногу злата има Русија (4), а кај жените Кина (3).