Данчевски: Македонија дефинитивно има шаховски потенцијал

275

Кога би се споредиле статистички резултатите на сите македонски млади шахисти од Рига и последните 10 ЕП, сегашниот настап е еден од подобрите, вели тренерот, ИМ Орце Данчевски, по младинското ЕП, на кое Лазов (35-ти) и Манова (43-та) имаа најдобри пласмани

Фиде-мајсторот (ФМ) Тони Лазов е најдобропласираниот македонски претставник на Европското првенство (ЕП) за млади, што во шест возрасни категории (до 8, 10, 12, 14, 16 и до 18 години), заврши во Рига, Летонија, освојувајќи го 35-то место, а кај шахистките тоа е Ивана Манова, која е 43-та. Двајцата играа во возрасната категоријата до 18 години.

– Македонија дефинитивно има шаховски потенцијал, а колку тој ќе исплива на површина зависи од сите нас што сме ангажирани во шаховскиот живот. Кога би се споредиле статистички резултатите на сите македонски млади шахисти од Рига и последните 10 ЕП, сегашниот е еден од подобрите. Се забележува нагорна линија по вкупниот број освоени поени. Од прикажаната игра најмногу се истакнаа Ристески, Лазов, Велјаноски, Зрмановска, Манова и Иванов, но најпозитивен впечаток остави Зрмановска, која освои нови 100 рејтинг-поени. Нејзиното ниво на игра е една класа погоре отколку што беше пред ЕП.

Одличен впечаток остави и Велјаноски, кој иако како 14-годишник играше во групата до 16 години, полека но сигурно стигнува до границата од 2.000 рејтинг-поени. Со најголемо шаховско знаење од сите наши претставници е највозрасниот ФМ Лазов, додека најмногу поени освои Ристески, но очигледно е дека за поголем пласман на најталентираниот македонски млад шахист му недостига искуството. Манова беше најборбената, сите партии ги играше 4-5 часа. Нејзината игра е во нагорна линија. Впечаток остави и најмалиот член Иванов, а многу позитивен беше и настапот на Давиткова – вели тренерот, ИМ Орце Данчевски, кој ги предводеше младите шахисти во Рига.

Момчињата одиграа вкупно 54 партии (20 победи, 10 ремија и 24 порази, или 46,2 отсто). Најмногу победи остварија Иванов, Златков и Лазов (по четири), ремија Ристески (четири), а порази Иванов и Муча (по пет). Најмногу поени освои Ристески (пет), а рејтинг-поени Валјановски (48). Девојчињата одиграа 34 партии (девет победи, осум ремија, 19 порази, или 36,1 отсто). Најмногу победи имаа Зрмановска и Манова (по три), ремија Давиткова (четири), порази Златкова (осум), а најмногу рејтинг-поени освои Зрмановска (100).

На ЕП играат вкупно 1.074 шахисти/ки (по еден ВМ и 1ЖВМ, потоа 13 ИМ, 5 ЖИМ, 78 ФМ, 43 ЖФМ), од нив 200 со титули, од 47 држави.