Гранслемите се разминаа во решавачкиот сет

75
Повеќе нема да има маратонски мечеви

Австралија сака тајбрејк до 10 поени во решавачкиот сет (петти за мажи, трети за жени), Ролан Гарос е без тајбрејк, Вимблдон воведе по 12-12 во гејмови, а во Њујорк се игра актуелен тајбрејк до седум поени

Организаторите на тенискиот гранслем-турнир Австралија опен во Мелбурн планираат, слично како и на Вимблдон, во решавачкиот петти сет да воведат тајбрејк. Но, разликата е тоа да биде по 6-6 во тој петти сет, наместо по 12-12 како што е на Вимблдон. И уште нешто како дополнителна варијанта, тајбрејкот да биде со малку проширена верзија односно победникот да биде тој што прв ќе освои 10 поени, наместо како досега до седум или до два разлика по 6-6.

Ако се воведе новиот австралиски модел, сите четири гренслем-турнири (уште и Ролан Гарос и Њујорк) ќе функционираат според различен систем за решавање на победникот по петтиот сет. Француската тениска федерација (ФФТ) уште не се изјаснила дали ќе воведе тајбрејк во решавачките сетови. Турнирот во Њујорк нуди јасна позиција, сите сетови мора да бидат решени со тајбрејк доколку резултатот е 6-6 во гејмови.

Австралијците неодамна аплицираа до гранслем-одборот за дозвола да го користат новиот систем, кој има цел да го намали бројот на долги, исцрпувачки натпревари, како што беше полуфиналниот дуел годинава на Вимблдон помеѓу Џон Иснер и Кевин Андерсон што траеше 6,36 часа. Тие добија одобрение годинава тоа да биде врз пробна основа. Но се чини дека тениските административци не се многу загрижени за малите варијации во системите за бодување на турнирите што постоеле со децении, без некој да се пожали.