Во кочан студени сали врвен спорт не бидува

146
Фото: Зоран Антоски

Кога ги следиме натпреварите од малите спортови ширум европскиот континент, ни делува по малку идилично како гледачите раскомотени во пријатно топли сали ги следат мечевите, а самите актери на теренот уживаат во благопријатни услови што им ги нудат спортските објекти.

Но она што го нуди Европа и она што ние го имаме се две крајности. Со исклучок на мал дел спортски сали во главниот град, во сите останати градови во земјава и во Кичево, салите се студени и воопшто не одговараат за одигрување на натпревари во прволигашки конкуренции. Од есен до рана пролет вистинска казна е да се присуствува на овие натпревари, бидејќи температурите во салите се еднакви на надворешните и наместо натпреварите да се следат со уживање, постојано во фокус им е семафорот, за да се ориентираат уште колку време треба да се престојува во вакви нехумани услови.

Ништо попријатно не се чувстуваат ниту играчите кои целосно мокри на речиси минусни температури и лесно облечени, треба да поминат два до три часа. Токму тоа го тврдат и самите актери на овие мечеви што се играат во студените сали.

– Она што е нашиот најголем непријател се студените сали во земјава во периодот од есента до раната пролет. Ниту тренинзите, а уште помалку натпреварите се пријатни за одигрување и токму поради тоа често сме изложени на прелади, вирози и грипозни состојби и замислете во вакви нехумани услови ни минува спортската кариера. До кога ќе бидат присутни овие сибирски услови во нашите сали навистина не можеме да одговориме единствено сме сигурни дека во кочан студени сали врвен спорт не бидува- истакнува Роберт Алексоски.

Гледачите се исто така изложени на овие сибирски услови и самите се во голема дилема дали да посетат некој спортски натпревар или поради студот да ги апстинираат мечевите во периодот кога надворешните температури се многу ниски.

-Децении поминаа, а во нашите сали се уште условите се непроменети. Студот е главниот непријател како за нас така и за самите актери на теренот. Се прашуваме дали некогаш ќе почнеме да наликуваме на Европа или вечно ќе бидеме задоволни нашите мали спортови да се играат во вакви нехумани услови и после бараме врвни резултати-велат Владо, Злате и Драган, постојани посетители на сите мечеви од малите спортови во градот.

З.А.