Во Дубаи единствен со две победи беше Павлов

56
Емил Павлов (десно)

Македонските каратисти и каратистки во борби (девет) и во кати (една) не успеаја да се закитат со медал ниту на вториот од предвидените седум турнири на престижната Премиер-лига во карате, што се одржа викендов во Дубаи (ОАЕ). Во мошне силна конкуренција (769 учесници од 410 клуба од 86 држави), каратистите забележаа 10 поединечни победи, а најмногу, две, двократниот европски првак, штипјанецот Емил Павлов (категорија до 60 кг), кој во третото коло загуби од светскиот првак, Италијанецот Анџело Крешченцо. Лани Павлов го освои сребрениот медал во Дубаи.

По еднаш на татамите славеа Драгана Манговска (до 50 кг), Моника Стефановска (до 68 кг), Петар Заборски (до 75 кг) и Жарко Арсовски (над 84 кг), а во воведното коло загубија Наташа Стефановска (до 61 кг), Азиз Исмаил (до 75 кг), Берат Јакупи (до 84 кг) и Виктор Крстевски (до 84 кг). Каташката Пуликсенија Јованоска со 22,6 поени беше трета во групата пет и шеста со 22,6 во Р2-Г3 фазата, според новиот систем на бодување. Во Париз, пак, најуспешни беа Арсовски со три победи, кој го освои седмото место, и Ангела Мојсовска (до 68 кг), која со две победи беше деветта.
Овие турнири се мошне значајни, оти се голема можност за освојување поени за пласманот на листата на ВКФ, а со тоа и да се биде поблиску до Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио в година. Најновата ранг-листа се очекува да биде објавена на 1 март, а најдобри пласмани на листата, по турнирот во Париз, имаа Берат Јакупи на 34-то место со 570 бода, Азиз Исмаил на 35-то со 420 и Наташа Стефановска на 38-то со 375 бода. Следниот ваков турнир е во Рабат (Мароко) од 19 до 21 април.