Водечките не попуштаат

146

Велемајсторите (ВМ) Кирил Георгиев (2.588 рејтинг-поени) и Звoнко Станојоски (2.447), како и интернационалниот мајстор (ИМ) Филип Панчевски (2.500), ги задржаа шансите за највисок пласман и по 6-то коло на Затвореното сениорско првенство на Македонија во шах, кое до 28 мај се игра во хотелот „Континентал“, во Скопје, во 9 кола (Бергеров систем). Тројцата остварија нови победи, па на врвот нема промени, води Георгиев со 5,5 поени, половина поен повеќе од Станојоски и од Панчевски.

Колото беше мошне борбено, а единственото реми (50. потег) беше помеѓу младите надежи, ФИДЕ-мајсторот (ФМ) Тони Лазов (2.295) и ИМ Никола Николовски (2.3391). Во бурна сицилијанска одбрана, белиот жртвуваше коњ за два пиона, но на крајот црниот ловец и топ успеаја да им се спротивстават на белиот топ и на трите пиони. ФМ Љубиша Андоновски (2.276) во Бенко Гамбит како бел во непрецизна завршница му дозволи на ВМ Станојоски да го донесе слободниот Ц-пион пред промоција во кралица.

ВМ Георгиев во затворен дамин гамбит откако ги удвои топовите по Х-линијата му се закани на ИМ Орце Данчевски (2.341) да ја загуби неговата кралица за топ. ИМ Панчевски во Филидорова одбрана како црн, во подобра завршница, освои цел поен против младиот Емил Ристески (2.130), откако сплете матна мрежа со помош на својот Е-пион, коњ и топ. И во партијата што најдолго траеше (83 потези), ФМ Роберт Велески (2.189) во француска одбрана го матираше борбениот Емил Крстев (2.035), откако црниот во непрецизно одиграна топовска завршница, не успеа да компензира со слободниот Д-пион.

На три кола до крајот, води Георгиев со 5,5 поени, Панчевски и Станојоски имаат по 5, Лазов 4,5, Велески 2,5, Андоновски и Николовски по 2, Ристески и Данчевски по 1,5, додека Крстев 0,5. 


Најдолгата партија со 86, а најкратката со осум потези

По 6-то коло Велески е шахистот што најдолго игра на таблата, во просек по 54,6 потези, а го следат Крстев (53,5) и Станојоски (53,3). Најкратко во просек пак, засега играат, Данчевски (28,6) и Ристески (36). Најдолгата партија (86 потези) беше видена во 2-то коло помеѓу Станојоски и Панчевски, а три потези помаку траеше во 6-то коло помеѓу Велески и Крстев. Најкратко се играше во 2-то коло помеѓу Николовски и Данчевски (8 потези) и во 4-то коло помеѓу Андоновски и Данчевски (9). Досега се одиграни вкупно 30 партии, а белите фигури славеле во 12 дуели, црните во 10, додека осум партии завршиле мирољубиво. Засега се одиграни вкупно 1.338 потези или 223 во просек по коло. Најмногу во 6-то коло, 278 (55,6 во просек), а најмалку во 3-то коло 129 (25,8).