Велемајсторот Георгиев ќе одигра симултанка во Куманово

1550

Истакнатиот бугарски велемајстор (ВМ) Кирил Георгиев, утре, на Градскиот плоштад во Куманово, со почеток во 17 часот, ќе одигра симултанка на 20 табли. Симултанката, која има цел да предизвика што поголема популаризација на шаховската игра, односно заинтересираност кај младите љубители на црно-белите полиња во Куманово и пошироко, е по иницијатива од членовите на ШК Куманово, повеќекратниот првак на градот Жарко Митковски и Агим Шемшсију, а помогната од општината Куманово и одредени спонзори.

– Велемајсторот Георгиев ќе игра против оние што ќе изразат желба, како што се на пример, професори, судии, адвокати, сопственици на фирми, младинци, инвалиди, пензионери итн. Ова, секако, нема да биде првпат да се организира вакво нешто кај нас, бидејќи познато е дека во минатото, поточно во клубот на воените старешини во Куманово, симултанка одиграл и поранешниот светски првак, Русинот Борис Спаски – нагласува Митковски.
Кирил Георгиев, кој во минатото извесен период ги бранеше и боите на македонската репрезентација на ЕП и на ШО, во 2013 година во Скопје одигра симултанка со најталентираните млади македонски шахисти и шахистки.

– Не сум броел колку симултанки досега имам одиграно во мојата шаховска кариера, веројатно најмалку 60-70. Јас сум сопственик на светскиот рекорд по бројот на учесници против кој сум играл на една симултанка. Рекордот за Гинис го поставив во 2009 година во Софија, кога играв на 360 табли. Симултанката траеше 14 часа и 14 минути, а победив во 280 партии, 74 ремизирав, додека загубив само шест – вели Геогиев.
Симултанката во Куманово ќе биде надополнета и со пријателски брзопотезен меч (2х5 минути) на пет табли (18.30 ч.), помеѓу шаховските екипи на Куманово и на Прилеп.