ВАР би бил блескава иднина за ракометот

45

Според Брестовац, судиските грешки би биле сведени на минимум, Јагањац смета дека ВАР би требало да се користи и во ситуации на престап, чекори и пробивање, а Карачиќ вели дека потребно е ВАР да се воведе, но дека не би било пожелно мечевите да бидат често прекинувани

Видео и компјутерската технологија и воведувањето на системот видеопомошник-судија (ВАР), стануваат секојдневие во сѐ повеќе спортови. ВАР стана една од најкорисните алатки на спортските арбитри при донесувањето одлуки во спорните ситуации. Своите почетоци видеотехнологијата ги бележи во атлетиката, со воведувањето на фотофинишот, а своја примена има во речиси сите спортови. Меѓу поголемите спортови, ВАР се применува во одбојката, кошарката, фудбалот, тенисот, хокејот, а од скоро време (официјално на ЕП во Хрватска годинава) своја примена доби и во ракометот.

– Мислам дека ВАР би бил блескава иднина за ракометот. Судиските грешки би биле сведени на минимум и неговата употреба би била многу корисна. Единствена работа што ме загрижува е неговата примена, односно би требало да се употребува само во специјални и нецелосно видливи ситуации за судиите, а сѐ друго и понатаму би оставил на судиите и на нивниот критериум на одлучување. Често се лутиме на нивните одлуки, но во повеќето случаи се во право. Кај судиите повеќе ми пречи недостигот на одлука во одредени ситуации, процент што, според мене, е загрижувачки, отколку нивните грешки при судењето – вели Данило Брестовац, тренерот на Металург.

Позитивен став околу воведувањето на видеотехнологијата во ракометот има и хрватскиот репрезентативец од редовите на Металург, Халил Јагањац.

– Воведувањето видеотехнологија во ракометот би била одлична работа, бидејќи тој и така заостанува зад другите екипни спортови кога се во прашање дефинирањето на правилата, бидејќи премногу се остава на слободната судиска процена. ВАР донекаде би ги регулирал големите судиски грешки и многу недоумици околу судиските одлуки за време на натпреварот и по него – смета Јагањац.
Официјална примена на видеотехнологија во ракометот имаше на Европското првенство (ЕП) во Хрватска во јануари годинава, а со ВАР беа опфатени гол-линијата, последните 30 секунди од натпреварот и тежината на прекршокот врз играч за тоа дали да добие исклучување, црвен или син картон.

Според Јагањац, системот ВАР би требало да се користи и во ситуации за престап, пробивање и чекори, а има и своја визија за негова употреба на терен.

– Покрај стандардните ситуации што ги одреди ЕХФ за ВАР-контрола на ЕП во Хрватска, сметам дека ВАР би требало да се користи и во ситуации на престап, чекори и пробивање. Кога би имало ВАР во ракометот, на секој од тренерите на екипите би им дал право во текот на натпреварот да побара проверка. Доколку се утврди дека се во право, да имаат можност да побараат проверка и во следна спорна ситуација, но доколку згрешат во првата да немаат право на проверка до крајот на мечот – вели Јагањац.

Со позитивно гледиште кон ВАР-системот е и вардаровиот бек Игор Карачиќ.

– Секако дека ВАР како и во повеќето спортови е потребно да се воведе и во ракометот, но притоа треба строго да се прецизира каде ќе се користи. И во ракометот често се случува да има проблематични ситуации, неразбирливи и чудни одлуки на судиите, така што оваа технологија може да разјасни некои ситуации, како на пример дали играчот стапнал на линијата при удар кон голот, дали топката ја поминала гол-линијата и слично. Со оглед на фактот што ракометот е динамична игра, сепак, не би било пожелно тој да биде често прекинуван и проверуван со оваа технологија, бидејќи со тоа тој би бил многу забавен. Затоа јас сум за воведување и на некои нови правила во ракометот, за тој да добие уште повеќе динамика, како што е на пример, меѓу другото, ограничување на времето на нападот, оти не може некој напад да трае повеќе од една минута, а друг по 20 секунди судијата едноставно да го прекине – вели Карачиќ. Та.Д.; Г.И.