Бронзата ги однесе младите кошаркари во Дивизија А

145
Македонските кошаркари слават по освоениот бронзен медал

Македонската машка репрезентација до 16 години, предводена од селекторот Александар Јованчев, постигна историски успех на ЕП во Сараево, откако во борбата за третото место ја совлада Чешка со 84-66 и на тој начин се пласира во дивизијата А

Македонската машка кошаркарска репрезентација до 16 години постигна историски успех, пласирајќи се во дивизијата А, откако го освои одличното трето место на Европското првенство (ЕП) дивизија Б, кое викендов заврши во Сараево, БиХ.
Во борбата за бронзениот медал македонските надежи ја надиграа Чешка со високи 84-66, со што брзо се рехабилитираа за полуфиналниот пораз од домаќинот БиХ (76-95), додека тоа не им успеа на Чесите по поразот од Русија (65-78).

– Радувај се, Македонијо! Ова е неверојатно! Ова е тоа за што работевме две и пол години. Им честитам, пред сѐ на играчите и на стручниот штаб. Им благодарам на сите што нѐ бодреа, на координаторот и на МКФ што имаа доверба во мене, дека можам да бидам на чело на овој проект – не го криеше своето задоволство по големиот успех македонскиот селектор Александар Јованчев.

Ова е вторпат македонска младинска репрезентација што обезбедила пласман во повисок ранг, по онаа на генерацијата на браќата Војдан и Дамјан Стојановски и Предраг Самарџиски, кои во 2006 година настапија во финалниот меч на ЕП до 20 години, што може само да радува, особено по големиот пад на сениорската репрезентација.

– Честитки до сите кошаркари. Две и пол години работевме и се подготвувавме за овој момент. Можеби звучеше невозможно, но, ете, се случи во Сараево да влеземе во дивизијата А. Сите одиграа над своите можности, тоа беше еден неверојатен спој на карактери полни со дисциплина, што беше пресудно да стигнат до овој успех. Ние како стручен штаб, цели 30 години со макотрпна работа и многу енергија вложени во овој проект, горди сме што оставаме ваков печат во македонската кошарка – вели Бранко Андриевски, координаторот на македонските младински кошаркарски селекции.

Во финалето на ова ЕП, Русија ја совлада БиХ со 83-77 и со максимален број бодови го освои златниот медал.
Кадетската селекција на Хрватска, пак, го освои најсјајниот медал на ЕП дивизија А (до 16 години), во Нови Сад, Србија, откако во финалето минимално ја победи Шпанија со 71-70.


Миловановиќ во идеалниот тим на ЕП

Покрај освоената бронза, Македонија има и свој играч во идеалниот тим на првенството. Тоа е крилото Марко Миловановиќ, кој имаше одличен настап во Сараево, беше и во конкуренцијата за најкорисен кошаркар на ЕП (МВП) на турнирот, награда што му припадна Русинот Павел Савков.
Покрај Миловановиќ, во идеалниот тим се уште Алем Хусеиновиќ од БиХ, Чехот Ондреј Ханзлик и Русите, Александар Евсеев и носителот на МВП-признанието Савков.


Бронзените од Сараево

БЕКОВИ: Марко Величковски, Лука Савичевиќ, Павел Данаиловски, Андреј Митревски, Славко Трајковски. КРИЛА: Гоце Петрушевски, Марко Миловановиќ, Богдан Марковски, Давид Наумоски, Јован Цветков. ЦЕНТРИ: Андреј Андоноски, Никола Груевски. Селектор: Александар Јованчев. Асистенти Мартин Атанасовски и Бранко Андриевски

 

Марко Миловановиќ, втор од десно влезе во идеалната петторка на ЕП