Ботас не знае што се случи, но победи и го зеде бонусот

159

Финецот Валтери Ботас, возачот на Мерцедес, доминираше и победи на трката за големата награда на Австралија во Формула 1 (Ф1), на отворањето на новата сезона, вчера. Финецот, за кого ова беше четврта Ф1 победа во кариерата (претходните три ги забележа во 2017-та), уште во почетокот, по првиот свиок, го презеде водството од тимскиот колега, актуелниот петкратен светски првак Луис Хамилтон, кој бавно стартуваше од пол-позицијата, и потоа целосно ја контролираше трката. Макс Ферстапен од Ред Бул заврши на третата позиција, пред Себастијан Фетел и Шарл Леклерк, двајцата возачи на Ферари.

„Зошто сме толку бавни“ било прашањето на Фетел до својот тим по две третини од трката. Одговорот бил: „Во моментов не знаеме“. Таа комуникација го сумира целиот викенд на Ферари.

Валтери Ботас (29) немаше многу победи досега, па затоа ќе мора да поработи на победничките изјави по трките, беа некои шеговити коментари на социјалните медиуми.

– Не знам што се случи точно. Почетокот беше навистина добар, дефинитивно ова беше моја најдобра трка во кариерата. Автомобилот беше многу добар, само требаше да уживам. Има и ново правило, поен за најбрз круг, па беше потребно да возам добро и да го освојам. Пресреќен сум и со нетрпение ја чекам следната трка – изјави Ботас, кој го имаше најбрзиот круг на трката и го освои дополнителниот бод.
Втората од вкупно 21 трка сезонава ќе се вози во Бахреин, на 31 март.