Билети за Токио 2020 – нема проблем, ако имате 60.000 долари!

83

Станува збор за луксузен пакет, кој вклучува присуство на церемонијата на свеченото отворање и затворање на Игрите, билети за деветдневните атлетски натпревари на најубавите места, во ложите, и раскошни јадења

Летните олимписки игри (ЛОИ) 2020 во Токио ќе бидат многу скапи во секој поглед. Организаторите на Игрите, на Јапонците им нудат „врвни“ сместувачко-угостителски пакети, кои чинат 6,5 милиони јени, или околу 60.000 долари! Станува збор за луксузен пакет, кој вклучува присуство на церемонијата на свеченото отворање и затворање на Игрите, билети за деветдневните атлетски натпревари на најубавите места, во ложите, скапи пијалаци и раскошни јадења. Овие сместувачко-угостителски пакети се наменети за богатите, целта се директорите на големи светски фирми што ги третираат Игрите како место за деловно работење и за уживање во врвниот спорт, како своевидна гламурозна заднина.

Побарувачката на билети за Токио 2020 е без преседан и ја надмина понудата за повеќе од 10 пати. Организаторите објавија дека во првата фаза биле продадени 3,2 милиони билети и додаваат дека за Игрите ќе има вкупно 7,8 милиони билети, од кои 70-80 отсто се за Јапонците. Преостанатите билети ќе се продаваат во странство или се наменети за спонзорите, националните олимписки комитети и за спортските федерации.
Побарувачката на соби и билети во Токио делумно е порасната и поради џиновското, метрополитенско подрачје од 35 милиони луѓе, безбедните улици и долгогодишната јавна поддршка на Игрите.

Цените на хотелите во Токио исто така постојано се зголемуваат. И доаѓањето во Јапонија ќе биде скапо, особено за луѓето од Америка и од Европа.
– Не знам дали ќе можам да си дозволам да одам во Токио. Во моментов за просечно семејство тоа ќе бидат најскапите ЛОИ во историјата – изјави за „Асошиејтед прес“ (АП) Брант Фелдман, спортски агент од Лос Анџелес, кој присуствувал на седум ЛОИ по ред и ги претставува американските и канадските спортисти за „АГМ спортс“.

Случајното пребарување на АП на добро познати места за резервации на хотели со три-четири ѕвездички во Токио откри дека во повеќето хотели собите чинат од 1.000 до 1.500 долари за ноќ, но малку од нив се слободни. Имаше поплаки дека многу хотели ги откажуваат претходните резервации за да ги зголемат цените.
Постои и старомоден начин жителите на Јапонија да набават некакви билети, преку т.н. лотарија „втора шанса“. Резултатите ќе бидат објавени следниот месец, а наесен ќе има уште една лотарија.

Оние што живеат надвор од Јапонија мора да се обратат до овластените препродавачи на билети, кои тешко се справуваат со огромната побарувачка. Тие исто така нудат скапи пакети и им е дозволено да земаат 20 отсто од секој продаден билет како надомест за услуга.


Нема влезници за семејствата на спортистите

На спортистите им се гарантираат сместување и неколку билети за натпреварите на кои тие ќе учествуваат. Нивните семејства и пријателите ќе мора сами да се снаоѓаат.
– Ако синот или ќерката се квалификуваат за Токио 2020 година, не знам како нивните семејства ќе можат да си дозволат авионски билети, хотели или како да добијат билети – вели Фелдман.
Организаторите се надеваат дека ќе заработат 800 милиони долари од билетите, што се смета за пристојна сума за приватниот оперативен буџет од 5,6 милијарди долари.
Во ланскиот извештај на Одборот за ревизија на националната влада се вели дека Јапонија веројатно ќе потроши 25 милијарди долари за Игрите. Тоа се јавни пари, освен оние од оперативниот буџет. Но организаторите ја оспоруваат таа бројка, велејќи дека станува збор за 12 милијарди долари. Она што е предмет на жестока дебата е кои се трошоците за ЛОИ, а кои не се.


Првокласна храна и најскапи вина

Луксузните пакети за гостопримство се можност за семејството, пријателите и деловните лица да уживаат во Игрите, велат организаторите на ЛОИ 2020. Според нив, во пакетите се содржат следните работи:
– специјално одбрани шампањ, вина, саке и пива – гурманско мени со јадења приготвено од врвни меѓународни готвачи
– фини вина избрани од сомелиери
– елегантни сувенири и ВИП-пристап
– лична услуга од прва класа, способна да се справи со кое било барање
– специјални гости на Игрите и славни личности.