Белгија – Англија за утешно трето место

88

Попладнево во Санкт Петербург (стадион „Крестовски“, 16 часот) во мечот за трето место на Светското првенство (СП) во Русија, ќе се сретнат Белгија и Англија, кои во полуфиналните дуели беа елиминирани од Франција (0-1), односно Хрватска (1-2).

Белгија и Англија се сретнаа во третото коло во групата Г, во мечот што беше формалност, во кој калкулираа и настапија со резервни состави и што заврши со триумф на Белгија од 1-0. Но денешниот меч има сосема поинакво значење за двете селекции. Белгија има шанса со триумф и со освоено трето место да го забележи најголемиот успех во историјата на СП, по пласманот на четвртата позиција во Мексико во 1986-та и поразот од Франција, 2-4. Англија пак ќе се обиде да го постигне најголемиот успех во новиот милениум, и по 1966 година, кога беше светски првак.

Ваквите натпревари се можеби најтешките за фудбалерите откако ќе потклекнат во важните, полуфинални дуели. И Белгија и Англија беа блиску до спортската бесмртност, но загубија во полуфиналето, па сега ќе мора да се соземат, да се ресетираат, да соберат сили и да се вратат дома со освоеното трето место што секако не е мала работа.

Белгијците не одиграа ниту еден меч на СП подолго од 90 минути, што на некој начин сугерира дека би требало да се поодморни од Англичаните, кои двапати (против Колумбија и Хрватска) играа по 120 минути.
Ова ќе биде петти натпревар меѓу двете селекции. Англичаните победиле двапати (1-0, 1-0), еднаш Белгијците (1-0), а еден меч завршил без победник (4-4).