Атлетико по третиот, Марсеј по првиот трофеј

293

Финалниот натпревар во Лига Европа ќе се игра на 16 мај во Лион. За шпански Атлетико, тоа ќе биде трето финале во Лига Европа

Атлетико и Марсеј ќе играат во финалето на Лига Европа (ЛЕ) во Лион на 16 мај. За шпански Атлетико, кој во полуфиналето беше подобар од Арсенал, 1-0 и 1-1, тоа ќе биде трето финале во ЛЕ. Во претходните два настапа, во 2010 и 2012 година, Атлетико го освојуваше трофејот.
Француски Марсеј, кој го елиминира австриски Салцбург, со 1-2 и 2-0, исто така третпат ќе игра во финалето во ова натпреварување, наследникот на Купот на УЕФА. Претходно Марсеј ги загуби двете финалиња, во 1999-та од Парма (0-3), а во 2004-та од Валенсија (0-2).

Французинот Арсен Венгер, менаџерот на Арсенал во минатите 22 години, без европски трофеј ќе си замине од лондонскиот клуб, со кој играше во финалето на Лигата на шампиони (ЛШ) во 2006 година (и загуби од Барселона) и во Купот на УЕФА во 2010-та (пораз од Галатасарај). Венгер немаше среќа ниту на клупата на Монако, со кој во 1992 година стигна до финалето на тогашниот Куп на победниците на куповите (КПК) и загуби од Вердер Бремен, со 0-2.
– Многу, многу сум тажен, немавме среќа, сѐ како да беше против нас, како во реваншот во Мадрид, така и на првиот меч во Лондон. Дома водевме со 1-0 до финишот и примивме глупав гол, во реваншот во финишот од првиот дел примивме гол од контра. Тоа се битни, решавачки моменти на кој било меч. Атлетико играше претпазливо, па и со мала доза страв во првиот дел, но тогаш постигна гол и работите се сменија – изјави Венгер.

Утеха на Венгер, кој на мечот со Атлетико по 250-ти пат го предводеше Арсенал во европски меч, можат да му бидат трите титули првак на Англија и седумте ФА-купа.
Атлетико, кој на 32 меча сезонава во сите конкуренции не прими гол, по трет пат во последните пет сезони ќе игра европско финале (во 2014-та и 2016-та играше во финалето на ЛШ и губеше од Реал).
Марсеј губеше од Салцбург со 0-2 (во првиот меч победи со 2-0) и се чинеше дека пенали ќе решаваат кој ќе игра во финалето, но во 116-та минута Португалецот Роландо, инаку одбранбен играч, успеа да постигне гол за пласман во финалето, по претходно непостоен корнер.

Марсеј номинално ќе биде домаќин во финалето на новиот стадион во Лион (капацитет 56.500), кој беше граден за потребите на Европското првенство (ЕП) во 2016-та и сега е „дом“ на Лион. Амбасадор на финалето ќе биде Ерик Абидал, поранешниот француски интернационалец и играч на Лион, кој е роден во тој град.
Пехарот што ќе го добие победникот тежи дури 15 кг и е најтежок од сите што ги доделува УЕФА. Ќе бидат поделени 40 медали, по 20 за играчите и за тренерите на двата клуба.