Аронијан и Вашер-Леграв први во забрзан шах во Сент Луис

82
Вашер-Леграв (лево) - Аронијан 0-1

Светскиот првак Магнус Карлсен не блескаше и заврши на 6-то место, со 4 поени, доживувајќи дури четири порази (од Динг, Каруана, Аронијан и Карјакин). Следува турнирот во брз шах

Шаховските велемајстори, Ерменецот Левон Аронијан и Французинот Максим Фашер-Леграв, триумфираа на гранд-турнирот во забрзан шах од 22 категорија (2 x 25 минути плус 10 секунди за секој одигран потег), во американскиот град Сент Луис, а во рамките на серијата гранслем-турнири. Вчера и денеска се играат уште 18 кола, но во брз шах (2 х 5 минути, плус три секунди за секој потег), по што ќе се знае и вкупниот победник во Сент Луис.

Аронијан и Вашер-Леграв по девет одиграни кола собраа по 6,5 поени, додека трет е Кинезот Лирен Динг со пет. Светскиот првак, Норвежанецот Магнус Карлсен не блескаше и заврши на 6-то место, со 4 поени, доживувајќи дури четири порази (од Динг, Каруана, Аронијан и Карјакин). Неофицијално, се очекува на најновата рејтинг-листа во забрзан шах, која ќе се објави во септември, Вашер-Лагрев да го мине водечкиот Карлсен. Имено, тој со новоосвоените 23,8 рејтинг-поени од овој турнир ќе има вкупно 2.866,8, додека Карлсен со минусираните 39,6 ќе падне на второто место со 2.855,4 поени.

До крајот треба да се одиграат уште четири турнири од оваа серија на гранд-турнири, по што ќе се знае и конечниот победник за годинава. Најдобрите четворица шахисти ќе изборат право за настап на финалниот турнир во Лондон кон крајот на годинава. Карлсен годинава игра во голем стил и победи во низа на осум турнири (СП во брз шах во Санкт Петербург, на турнирите во Вајк ан Зе, Гренке, Шамкир, Абиџан, Линдорес, Ставангер и во Загреб), а во класичен шах 79 партии во низа не знае за пораз (од 31 јули 2018 година). Во генерален пласман за настап на завршниот гранд-турнир во Лондон (не сметајќи го Сент Луис), Карлсен има 33 поени, Со 22, Динг 13, Вашер-Леграв 12, Аронијан 11, Каруана 11 итн…

Табела во забрзан шах – Сент Луис: Аронијан (стандарден рејтинг 2.765 поени) 6,5, Вашер-Леграв (2.778) 6,5, Динг (2.805) 5, Ју (2.752) 5, Рапорт (2.747) 4, Карлсен (2.882) 4, Каруана (2.818) 4, Карјакин (2.750) 4, Домингез 3,5 (2.763), Мамеѓаров (2.764) 2,5 поени.