Ајде да видиме…

Дабот, едно од најважните и најценети дрвја во многу шуми и други екосистеми, е симбол на отпорност и цврстина. Квалитетот на дабовото дрво и неговата цврстина најдобро го илустрира фактот дека столбовите на кои стои Венеција се изградени токму од дабово дрво.

Дабот обично живее околу 200 години, но некои дабови дрвја можат да досегнат старост и до 1.000 години. Дабот учествува со околу 30 проценти во шумската вегетација во нашата земја. Дабовите шуми се дом и засолниште за голем број животни, но и за најскапите габи во свет – тартуфи, кои најубаво успеваат во дабовите шуми.

Според проф. д-р Маја Јорданова, во светот постојат околу 600 различни видови дабови, чии листови можат да бидат во различна боја – нијанси на зелена, жолта или црвена боја. Самите листови имаат специфична форма. Можат да бидат елипсовидни или јајчести, со тап, кружен или зашилен врв, а страните на листот се назабени или цели. Машките и женските цветови се наоѓаат на исто дрво и создаваат плод познат како желад. Желадот се наоѓа на трпезата на верверичките, глувците, елените, свињите, некои клукајдрвци и други шумски животни.

Разни празни верувања се поврзани со желадот, бидејќи се сметал како плод на свето дрво, па така се сметало дека желадот треба да се носи со себе за заштита од болести и како амајлија за добра среќа.

Старите Словени верувале дека дабот е свето дрво на богот Перун. Во негова чест, во светилиштата и дење и ноќе горел оган за кој се користеле само дабови стебла, а под неговите крошни се вршело судење и се одржувале важни племенски собири.

Во периодот на владението на Османлиската Империја, Словените во недостиг од цркви се молеле под осветени дабови дрва, па сѐ уште во многу манастири и цркви можат да се сретнат стари дабови дрвја. И ден-денес, православните верници на Бадник во својот дом внесуваат дабови гранки.