’Рчкото е идеално милениче бидејќи е забавно и не бара многу простор затоа што е ситно. Пред да одлучите да го чувате, има неколку работи што треба да ги знаете. Постојат два вида што можат да бидат домашни миленици: сирискиот (златен) ’рчко и сибирскиот (џуџест) ’рчко. Сириските по природа сакаат осаменост. Овие два вида не треба да ги спојувате откако ќе наполнат 10 недели. Ако го направите тоа, тие постојано ќе се караат.
Можат да бидат интересни за децата, но секогаш треба да бидете внимателни. Детето може грубо да го фати, па дури и да го фрли. Тие гризат ако се исплашат или одеднаш се разбудат. Затоа децата под осум години треба да поминуваат време со ова животно само под надзор на родителите.
Главно јаде житни растенија, семиња, зеленчук (на пример зелена салата, моркови, спанаќ итн.) и овошје (на пример јаболка). Секогаш мора да му давате свежа вода за пиење. Никогаш не хранете го со кромид, бонбони, чоколадо или брза храна.
Тие се склони кон болести како што се амилоидоза (заболување на бубрезите) и конгестивна срцева слабост и чувствителни се на бактерии што предизвикуваат дијареја и дехидратација. Болните треба да се третираат со претпазливост, бидејќи некои видови бактерии можат да се пренесат на луѓето.
Ставете го неговиот кафез подалеку од директна сончева светлина или извори на топлина. Се разбира, треба редовно да го чистите. Неговите заби не престануваат да растат, па затоа треба да му обезбедите доволно материјал за глодање.