Асоцијацијата ИВСА-Скопје организира хуманитарен базар во името на оние што немаат избор, безгласните животни, каде што ние луѓето сме нивниот глас и тука сме да ја пренесеме нивната порака, која гласи – улиците не се и не смеат да бидат нивно живеалиште

Најзагрозената група животни, бездомните животни, се оние што водат мизерен живот на улиците, изложени на екстремни временски услови, кои се осудени да живеат со најразлични болести и очајнички да се борат за својот опстанок, оние што за жал сѐ уште не ги уживаат основните услови за живот и благосостојба. За таа цел асоцијацијата ИВСА-Скопје организира хуманитарен базар токму во името на оние што немаат избор, безгласните животни, каде што ние сме нивниот глас и тука сме да ја пренесеме нивната порака, која гласи – улиците не се и не смеат да бидат нивно живеалиште.

Интернационалната ветеринарна студентска асоцијација ИВСА-Скопје во саботата организира и реализира новогодишен хуманитарен базар за најзагрозената категорија животни, бездомните животни. Хуманитарниот базар се одржа во кафе-барот „Синдикат“, заедно со помош на изведувачите: „Мала пажња“, „5 до 12“ и „Форграунд тотебегс“. Посетителите на базарот имаа можност да си купат маички по симболична цена, дизајнирани од страна на организацијата, како и најразлични креативни производи од изведувачите што го поддржаа и учествуваа во овој настан. Со купувањето на разновидните производи што беа достапни на базарот, посетителите донираа за бездомните животни, а наедно имаа шанса да останат во кафулето, да уживаат во убавата хуманитарна новогодишна атмосфера и да се забавуваат.

– Целта на овој хуманитарен базар беше да се соберат средства и наедно да се издигне свеста на граѓаните за загрозената категорија бездомни животни. Паричните средства, како и материјалните донации (храна за кучиња и мачиња, песок, поводници, околувратници и опрема за храна), ќе се донираат во „Амос шелтер“, прифатилиштето за бездомни животни што ги згрижува, одгледува и вдомува на соодветен и хуман начин во рамките на благосостојбата на животните. Во име на ИВСА-Скопје, ви благодарам на сите што дојдовте, го поддржавте овој хуманитарен базар и дониравте – изјави Матеа Матева, координаторка за размени во организацијата ИВСА-Скопје, студентка на Факултетот за ветеринарна медицина.

Интернационална ветеринарна студентска организација е непрофитна, невладина организација, управувана од студенти при факултети за ветеринарна медицина во светот. Македонија членува во глобалната ИВСА од септември, 2017 година. Цели на асоцијацијата се: склучување многубројни студентски размени при факултетите за ветеринарна медицина, зголемување на јавната свест на локално и глобално ниво преку организирање едукативни настани, предавања, работилници, симпозиуми и конгреси, промовирање на ветеринарната професија и нејзините вредности (здравје и благосостојба на животните, како и на луѓето), поттикнување соработка помеѓу студентите и професорите на интернационално ниво, како и проширување на стекнатите знаења и добивање нови искуства.