Кожата на овие „ќелави“ мачки, иако изгледа голо, е покриена со кратки фини влакненца. Со оглед на тоа што е многу слична на еленската кожа и на кожата на антилопата, таа е многу нежна и овозможува пријатно чувство при допир

Сфинкс-мачката е релативно нова и ретка раса мачки со необичен изглед. Оваа раса, која по изгледот потсетува на митско суштество, никого не го остава рамнодушен, а има и репутација на најинтелигентна и најзабавна раса во светот на мачките.
Оваа необична мачка без влакна, низ историјата била присутна во различни делови од светот. Постојат податоци дека најпрво ја одгледувале Античките Ацтеки во Централна Америка како домашна раса, која веројатно била наменета и за јадење. Во „Книгата за мачки“ се споменува дека мексиканските мачки без влакна биле доста барани и ценети во осумдесеттите години од 19 век. Во 1950-тите во Париз во едно легло на сијамски мачки се родиле три мачиња без крзно. Подоцна расата е забележана во Австралија, Мароко и во Северна Каролина.

Во поново време, размножувањето на сфинкс-мачката започнало во 1966 година во Торонто, Канада, кога обична, црно-бела мачка со кратко крзно омачила машко маче без влакна. Некој истакнат експерт за размножување ги откупил мајката и мачето и започнал со одгледување на расата. Потоа, во 1978 година биле спасени мачка со долго влакно и нејзиното „ќелаво“ маче. Мачето што тогаш се сметало за мутант било стерилизирано за да не се пренесе таквиот деформитет. Меѓутоа кога истата мачка повторно имала малечки, сите тие се родиле без крзно. Резултатите од спроведеното истражување покажале дека таквата појава укажува на тоа дека отсуството на влакна не е последица на генетска манипулација, туку дека станува збор за природна и спонтана генетска мутација. Научниците дошле до сознание дека генот е единствен виновник за тоа што овие мачки се родиле без крзно. Тоа претставува рецесивен ген. Новата раса првобитно била наречена мунстон кет („Мoonstone cat“), потоа бил присутен називот канадска мачка без крзно, за подоцна да го добие скратениот назив на нова раса мачки сфинкс.

Сфинкс е мачка со средна големина, нежна градба, фини коски и цврсто мускулесто тело. Нивната глава има благ клинест облик и долг, елегантен врат. Ушите им се големи, широки и високо поставени на главата, а очите им се широко поставени и имаат облик на лимон и боја иста како бојата на нивното тело. Нозете им се јаки и мускулести, при што задните се подолги од предните. На краевите од шепите имаат долги и слаби прсти. Перничињата на шепите им се подебели од преостанатите раси, според што се стекнува впечаток дека мачката оди на воздушни перничиња. Оваа раса е исто така препознатлива и по долгата и тенка опашка, која е свиткана на врвот.
Меѓутоа, по мислењето на многу луѓе, на сфинкс-мачките им недостига најважната атрактивна карактеристика што ја имаат сите мачки, без разлика на расата, а тоа е крзното. Кожата на овие „ќелави“ мачки, иако изгледа голо, е покриена со кратки фини влакненца. Со оглед на тоа што е многу слична на еленската кожа и на кожата на антилопата, таа е многу нежна и овозможува пријатно чувство при допир. Кожата им е насобрана на главата, вратот и рамената. Појавата на влакна е можна на ушите, муцката, нозете и опашката. Оваа раса мачки обично е без мустаќи, но постојат примери кај кои може да се појават. Кожата може да им биде во различни бои, постојат дури девет групи бои и сите нијанси на бело.

Според тврдењата на многумина, карактерот на овие мачки е совршен. Тивки се и многу се приврзуваат кон своите сопственици. Тие се изненадувачки љубопитни, неуморни, интелигентни, весели и активни. За карактерот на оваа мачка обично се вели дека е комбинација од мачка, куче, мајмун и дете, затоа што знае да скока и да изведува разни перформанси како мајмун, знае да се умилкува како дете, верна му е на сопственикот како куче и во состојба е секаде да го следи и, секако, поседува типични особини на мачка, односно мистериозност и шарм од кои љубителите на мачки се фасцинирани.

Сфинкс-мачката никогаш не покажува агресија и никако не поднесува самотија, затоа што е разгалена и емотивна. Таа бара многу љубов и внимание, како и постојано присуство на други луѓе околу неа со кои ќе ужива.

Оваа раса е исклучиво домашна раса, која е силна и отпорна кога станува збор за нејзиното здравје. Не се забележани болести што се карактеристични за овој вид миленици. Иако немаат крзно, ним им е потребна редовна нега. Припаѓаат во расите што многу се потат, поради што е потребно редовно да се бришат со влажни марамчиња наменети за бебиња и одвреме-навреме да се капат во топла вода.
Со оглед на тоа што нивната кожа е склона кон изгореници при излегување на сонце, се препорачува да го избегнуваат колку што е тоа можно, а при излегување кога времето е сончево и топло, неопходна им е заштита, односно нанесување креми со заштитен фактор.

Нивните уши треба редовно да се чистат со стапчиња за уши натопени во млеко за нега или во благ раствор. Исто така и очите одвреме-навреме треба да им се поминуваат со памукче за чистење шминка натопено во раствор за очи.
Со оглед на тоа дека ноктите многу брзо им се валкаат, и тие треба редовно да се кратат и чистат.

Кога станува збор за нивната исхрана, оваа раса е позната како голем гурман поради доста брзиот метаболизам, кој им е потребен за да ја одржува нивната телесната температура, со оглед на тоа дека немаат крзно што би ја имало таа улога. Затоа треба да им се дава избалансирана и калорична храна. Поради сево ова, сфинкс-мачката има потреба повеќе да јаде од преостанатите раси мачки, но и покрај тоа таа не е многу пребирлива кога е храната во прашање.