Најчестиот страв кај кучињата, а и најоправдан, е одењето на ветеринар. Посетата на ветеринарна клиника, миленикот генерално ја поврзува со болка, непријатност или со здодевни прегледи и процедури

Никому не му е угодна посетата на лекарот. Како луѓето, така и домашните миленици кога ќе влезат во ветеринарна ординација очекуваат дека ќе се случи нешто болно или во најмала рака, нешто непријатно. Стравот од посета на ветеринарот е една од најчестите девијации во однесувањето на кучињата.
Тешко е да се опише што чувствува еден миленик кога ќе влезе во ординацијата на ветеринарот. Непознати мириси, други животни, мирис на страв, нервоза на сопственикот и непознати звуци. И згора на сѐ, се чувствува лошо, бидејќи е болен.

Некои кучиња покажуваат голем страв, што е целосно несоодветен за настаните околу нив. Понекогаш едноставно ветеринарот не може да предвиди како ќе реагира кучето кога е на масата за преглед, а не може ниту да биде сигурен како ќе реагира сопственикот. Стравот е нешто што е присутно во поголема или помала мера, но не може да се знае колку тој страв е предизвикан од претходните негативни искуства на самите кучиња, а колку се пренесува од сопственикот или од ветеринарот.
Кај луѓето стравот од излегување од комфорниот дом е нарушување што се нарекува агорафобија или страв од отворен простор, метеж или промена на просторот во кој живеат. Така, и кучињата реагираат на излегувањето надвор од познатите рутини и познатите мириси. Многупати сме слушнале коментари на некој сопственик дека неговото куче се тресе веднаш штом ќе се качи во автомобилот.

Одвојувањето од примарните навики во главата на кучето укажува на непријатност и е поврзано со одење кај ветеринар, фризер или друго место на кое не се навикнати или ги поврзуваат со негативни искуства. На тој начин кучето се чувствува изгубено.
Овој вид страв е релативно лесен за надминување, со почести прошетки и постепени промени, кои нема да бидат непријатни и кои со текот на времето ќе станат нормални (на пример возење со автомобил без некоја посебна причина).

Најчестиот страв кај кучињата, а и најоправдан, е одењето на ветеринар. Посетата на ветеринар кај миленикот генерално е поврзана со болка или со здодевни прегледи и процедури. Се разбира, тешко е да се избегне непријатноста кога лекарот треба да постави игла во вена. Тоа никому не му се допаѓа, но и многу зависи како го прави тоа. Ветеринарот мора прво да се обиде да го опушти кучето, да го погали, да му се обрати со мирен и самоуверен глас и да избегне какви било ненадејни движења што можат да бидат протолкувани како агресија. Со текот на времето, исто како луѓето, и кучињата разбираат дека тоа е нешто непријатно, но и неопходно и дека, доколку се мирни, тоа минува без голема болка и непријатност.

Стравот на сопственикот од медицински процедури и постапки многу често прави голем проблем во ординацијата на ветеринарот. Ветеринарот очекува да има проблем со миленикот, а не со сопственикот. Сепак, голем број луѓе имаат аверзија или изразен страв од медицински простор, игли или од постапката што мора да следува. Сопствениците им го пренесуваат овој нивен страв на своите миленици потсвесно, преку нивните постапки. Кога треба да го држат кучето, тие почнуваат силно да го притискаат, предизвикувајќи им несвесна болка или ненадејни движења што го прават животното нервозно и исплашено. Таквото нивно однесување често доведува до агресија кај кучето, кое е подготвено да се брани себеси и сопственикот затоа што сфаќа дека тие се наоѓаат во опасност.

Ветеринарот треба да го забележи тоа однесување на сопственикот и доколку е потребно да го тргне од ординацијата. Овој вид постапка многу често резултира со неочекувано добри резултати и кучето повеќе се смирува кога е само, а интервенцијата се извршува без стрес.
Постојат неколку начини што можат да ги ублажат стравот и стресот, кои миленикот ги доживува кога оди кај ветеринарот.

Еден од најчестите стравови е предизвикан од кревање на кучето на високата маса за преглед. Истата оваа постапка можете да ја направите дома, да го кренете кучето на маса и да инсценирате преглед – да му ја отворите устата, да му ги кревате екстремитетите и да го тестирате. Исто така, многу е добро да го навикнете на мерење на телесната температура (ректално мерење), со што ќе ја намалите непријатноста при преглед, уште пред да пристигнете кај ветеринарот.

Кучето што покажува голем страв при посета на ветеринарна клиника, се препорачува да го однесете во посета на ветеринар без некоја посебна причина. Вакви последователни посети можат во голема мера да го намалат стравот. По некое време кучето едноставно ќе сфати дека секоја посета не е поврзана со какви било непријатности.

Се разбира, стравот и напнатоста може да се контролираат и медицински, но ваквите мерки се применуваат многу селективно и ретко во практика. Секако, оние кучиња што сакаат да касаат, а има и такви, треба да се навикнат да носат корпа.
Севкупно, стравовите поврзани со одење на ветеринар се различни и многу чести. Тие се дел од животот на нашите миленици, па затоа е императив да се обидеме да ги минимизираме или да ги елиминираме, за да го подобриме квалитетот на нивниот живот.

Иако можеби звучи неверојатно, но понекогаш и кај ветеринарите се појавува страв од животни и тие стравуваат дека некое куче ќе ги нападне при преглед. Овој страв често е оправдан и најчесто предизвикан од лоши искуства. Повредите во ветеринарните ординации се многу чести и затоа ветеринарот секогаш треба да биде подготвен на нив.

Стравот на пациентот во комбинација со стравот од сопственикот и ветеринарот, секако, може да доведе до несакани ситуации, а понекогаш и до сериозна повреда на кучињата, сопствениците или на ветеринарите. Затоа оние ветеринари што се плашат од кучиња не би требало да го работат тоа, бидејќи така се ставаат во опасност себеси и другите. Алтернативно, тие ќе мора да се потрудат малку повеќе за да го надминат тој страв.