Секако, за почеток треба да ја имате потребната документација, односно пасош и сертификат за поминување граница, но и да посетите ветеринар

Ако планирате на одмор да го понесете и вашето куче, треба да знаете дека голем број анализи и процедури може да траат и неколку месеци. Потребно е соодветно да се подготвите доколку сакате да го пренесете вашиот миленик преку граница. Со подготовки патувањето може да го претворите во уживање и да поминете пријатни моменти со вашиот миленик.
Секако, за почеток треба да ја имате потребната документација, но и да посетите ветеринар.

Ако сакате со вас да си го земете миленикот на пат преку границите на Македонија има неколку работи што сте обврзани да ги направете пред патувањето. Прво и основно е да му се извади пасош на миленикот. Од 2014 година Македонија има сопствени пасоши, верифицирани од сите странски држави, секој со свој посебен и единствен број, исто како и за луѓето. Да се стави чип, поткожно на левата страна на вратот. Со тоа миленикот си добива свој единствен број, како што луѓето имаат матичен број.

– Исто така треба да се вакцинира против беснило. Тоа е со закон прецизирано и е обврзувачко за секој сопственик да го спроведе. Вакцинацијата се спроведува еднаш годишно. Првата вакцина се аплицира на четиримесечна старост на миленикот. Да се изврши дехемлминтизација т.е. да се прочисти од внатрешни паразити, два дена пред преминувањето на границата на Македонија. Да се заштити од надворешни паразити, преку аплицирање ампула против надворешни паразити или да се стави каивче. Истото треба да се направи два дена пред поминување на границата на Македонија. Редовно да се вакцинира против заразни болести. Ова вакцина се аплицира еднаш годишно за возрасни единки, а за малите се даваат три вакцини почнувајќи од осмата недела до навршување 12 недели старост. Потребно е вашиот ветеринар да ви издаде потврда за здравствената исправност на миленикот. На крајот се оди до Ветеринарниот инспектор да ви издаде сертификат за поминување преку границата на РМ – вели ветеринарната лекарка Јасминка ван дер Флиер.

Секако и се понатаму за патувањето треба да ви биде прецизно испланирано. Да сте сигурни дека во хотелот им е дозволено присуство на кучињата, дали има во близината плажи што се гостољубиви за животни.
Планот треба да го скроите и според превозното средство што го користите. Доколку одите со авион, вашето куче ќе мора да се вози во товарниот дел, каде што е бучно и студено, а тоа може да доведе до лоша реакција на миленичето. Затоа најдобрата алтернатива е патување со автомобил, зашто така ќе можете да застанете онолку пати колку што ви е потребно, и кучето ќе може почесто да се размрдува. Ако одите со автобус, добро обезбедете го во кафезот за транспорт и намалете му ги храната и водата, затоа што ќе биде помалку физички активно.
Животното треба да биде сместено на сигурно и на место, каде што има добро проветрување.

Ветеринарите препорачуваат кученца до четири месеци да не се носат на плажа, и најдобро е да се остават дома, или во хотел за миленици.