Првата вакцина служи за да го подготви организмот на животното против вирусот или бактеријата, додека следните вакцини ќе го стимулираат имунолошкиот систем да создава голем број антитела што се потребни за заштита на животното од болести

Вакцината претставува биолошки производ што го подобрува имунолошкиот одговор при појава на одредена болест. Вообичаено, вакцините се создаваат со атенуирана (ослабена) или мртва форма од микроорганизмот (вирус, бактерија), која ја предизвикува болеста, како и неговите токсини или површински протеини. Оваа форма на микроорганизмот го стимулира одбранбениот механизам на организмот за да го препознае агенсот како непознат, да го запамети, лесно да го препознае и да го уништи.

1. Вакцинацијата заштитува од појава на болести кај милениците, кои често може да се и смртоносни.
2. Со вакцинација се избегнуваат идните трошоци за третирање болести, кои можат да се спречат.
3. Вакцинацијата заштитува од болести, кои може да се пренесуваат меѓу животните, но и од животните на луѓето (зоонози).

Младите животни имаат потреба од повторување на вакцините. Тие се подложни на инфективни болести поради недоволно развиениот имунолошки систем. Тие добиваат заштита преку колострум, односно мајчино млеко што содржи антитела, и кое ги заштитува само одреден период од нивниот живот.

– Првата вакцина служи за да го подготви организмот на животното против вирусот или бактеријата, додека следните вакцини ќе го стимулираат имунолошкиот систем да создава голем број антитела, кои се потребни за заштита на животното од болести. За да се обезбеди оптимална заштита против болести во првите неколку месеци од животот, постои распоред на вакцини. Некомплетна серија на вакцинација може да доведе до некомплетна заштита, со што кученцата и мачките се изложени на идни инфекции. Докторот по ветеринарна медицина може да влијае на распоредот доколку постојат индивидуални ризик-фактори кај животното – објаснува Ивана Арсовска, претседателка на ИВСА (Интернационална ветеринарна студентска асоцијација).


Вакцинација на кучиња

Прва вакцина (Puppy)
6 – 8 недели старост
Двовалентна
(штенечак и парвовироза)
Втора вакцина (DHPiP + L)
10 – 12 недели старост
Петвалентна
(штенечак, хепатитис, параинфлуенца, парвовироза + лептоспироза)
Трета вакцина (DHPiP + L)
14 – 16 недели старост
Петвалентна
(штенечак, хепатитис, параинфлуенца, парвовироза + лептоспироза)


Вакцина против беснило – најрано на 4 месеци старост

Штенечак (D-canine distemper virus) – вирусна инфекција што предизвикува респираторни, дигестивни и нервни манифестации, често со фатален исход.
Хепатитис (H-hepatitis) – вирусна инфекција предизвикана од два сродни вируса што го напаѓаат црниот дроб.
Парвовироза (Р-parvovirosis) – најчеста вирусна инфекција што ја напаѓа слузницата на интестиналниот тракт.
Параинфлуенца (Pi-virus parainfluenza) – вирусна инфекција, која заедно со вирусот хепатитис А може да предизвика инфекција на горните респираторни патишта.
Лептоспироза (L-leptospirosis) – бактериска инфекција што ги напаѓа бубрезите. Многу е важно да се нагласи дека оваа болест се пренесува и на луѓе.
Херпес вирус (Herpes virus) – вирус што предизвикува инфекција на горните респираторни патишта.
Калици вирус (Calici virus) – вирус што доведува до респираторни инфекции и акутен артритис.
Панлеукопенија (Panleukopenia) – вирусно заболување уште познато како инфективен ентеритис кај мачките со голем процент на смртност.
Вакцината против беснило е законска обврска на секој сопственик.


Вакцинација на мачки

Прва вакцина
8 недели старост
Тривалентна
(панлеукопенија, херпес вирус, калици вирус)
Втора вакцина
12 недели старост
Тривалентна
(панлеукопенија, херпес вирус, калици вирус)