Некои од животните бараат места за почивка на сенка, на свежи локации во најтоплите часови од денот. Некои се повлекуваат во своите живеалишта, пештери, дувла, се мачкаат со кал, се полеваат со вода или пливаат доколку во близината имаат водни површини

По долгите и ладни зими тешко може да им се одолее на сончевите зраци. Како што на луѓето им треба заштита од УВ-зрачењето, ветеринарите советуваат дека исто така и на животните им е потребна. Меѓутоа сонцето на различни животни различно влијае.

– Дивите животни имаат биолошки вградени заштитни мерки во согласност со условите на животната средина во која живеат. На оние што живеат во претежно сончеви области, на високи температури често телата им се покриени со густи перја, дебело и отпорно на горештини крзно или имаат други физички карактеристики, кои ги штитат од силното сонце и УВ-зрачењето – вели ветеринарот Пол Кеjли од Здружението за заштита на дивите животни.
Животните за кои се смета дека се чувствителни на сонце се: слоновите, носорозите, како и скоро стрижените овци. Истражувањата спроведени од научни тимови откриле оштетувања во клетките и на неколку вида китови, односно сините китови, белите китови и китовите со перки.

Животните на различни начини се приспособуваат на силното сонце, на пример кај жирафите поради заштита од сонцето јазикот во поголем дел им е црн, а пред крајот розов. Нилските коњи лачат розикава течност во форма на капки во пределот на вратот, лицето и зад ушите. Оваа течност, всушност, ги апсорбира сончевите зраци, им помага во поднесување на топлината и спречува размножување на бактериите.
Змиите и рептилите, благодарение на нивната специфична шарена кожа, имаат дополнителна заштита од изгореници. Но освен тоа што се поотпорни на УВ-зраците, лушпестата кожа им помага да ја задржуваат влагата и на тој начин да си ја регулираат телесната тежина.

Секако, има случаи и кога биологијата не им го решила проблемот на многу од животните. Па во такви случаи животните биле принудени сами да откријат и да развијат заштитен систем од сонцето. Тука се вбројуваат слоновите, кои за да се заштитат од силните сончеви зраци си фрлаат песок со помош на сурлата. А исто така, тие што имаат малечки им фрлаат песок и ним, дури да пораснат и сами да ја преземат заштитата во свои раце.

– Тоа веројатно е дел од наставниот процес. Не само што се грижат за своите деца затоа што се мали, туку им сугерираат дека треба сами да се заштитат и им покажуваат како да го сторат тоа – вели Тони Бартел, куратор за слонови во „Смитсонијан нешнл зу“.

Некои од животните бараат места за почивка на сенка, на свежи локации во најтоплите часови од денот. Некои се повлекуваат во своите живеалишта, пештери, дувла, се мачкаат со кал, се полеваат со вода или пливаат доколку во близината имаат водни површини.

Кога станува збор за домашните миленици, на пазарот веќе се произведуваат специјални кремови со заштитен фактор, но ветеринарите велат дека и кремовите со заштитен фактор што се наменети за деца исто така можат да ги користат и милениците.