Дино Дамјановски со неговиот миленик Оги организира хуманитарната изложба на 31 мај во кафулето „Концепт 37“, на која дел од средствата ќе биде наменет за бездомните животни

Дино Дамјановски, сопственик на најпопуларниот миленик кај нас, шампионот Оги, или попознат како Ogi the champ, организира хуманитарна изложба на 31 мај во кафулето „Концепт 37“.

– Подготвивме нови и уникатни брендирани маички дизајнирани од страна на „Ogi the champ“, заедно со една мини-изложба од најпознатите предмети и ликови од нашите слики и видеа. На изложбата ќе има дел од нашите реквизити за снимање и ликови што се користени во видеата и сликите, како што се саксофонот, гитарата, пиштолот, првата марама, мистер и мисис Пиги и уште нешто плус. Исто така на изложбата ќе имаме „мини-шоп“, односно пакетче од маичка и гратис стикер, дизајнирани со ликот и логото на Оги. Идејата дојде одамна, но немав доволно средства да ја реализирам. Се надевам дека во меѓувреме ќе се појави и некој спонзор или партнер што би сакал да помогне и да даде свој придонес на настанот. Како и да е, идејата е подготвена и сме на чекор од реализација – ни сподели Дино.

Изложбата е од хуманитарен карактер, односно крајната цел на оваа изложба е да се соберат средства за бездомните кучиња во Скопје.
– Мене како голем љубител на животни доста ме погодува кога ќе видам на Фејсбук некое болно или повредено куче и се собира донација за да може да се излекува. И идејата ми беше еден ден да се искористи публиката на Оги за да можеме на некој начин и ние да помогнеме. Целта е да се соберат луѓе што го следат Оги на социјалните мрежи и да си купат една од трите дизајнирани маички со ликот и логото. Дел од тие средства што ќе се соберат, односно 40 отсто ќе бидат наменети за бездомните кучиња. По изложбата ќе се објави собраниот буџет во договор со некоја од ветеринарните амбуланти, секое куче што ќе биде најдено (повредено или болно) на улица, ќе може да се однесе и да се излекува – изјави Дино.

Оги има свои профили на Инстаграм и на Фејсбук, на кои го следат над 30 илјади обожаватели. А Дино редовно споделува и видеа од него на Јутјуб.
Овој тандем заеднички прави интересни фотографии и видеа, кои потоа завршуваат на социјалните мрежи.

– Оги е од расата западношкотски бел териер, или скратено вести. Во „приватниот живот“ Оги ужива во долгите прошетки, белото мевце, а топчето е негова омилена играчка. Не беше лесно да се изгради стилот, но сега ја живее улогата на ѕвезда. Соработува и ужива во снимањето. Се случува да задреме за време на сет. А омилен дел од сѐ му е стекот по снимањето – ни сподели Дамјановски.