Храната за малите раси кучиња треба да биде енергетски посилна

62

Правилниот однос на хранливи материи во комбинација со соодветни масни киселини, минерали и витамини, исто така, придонесува за зачувување на квалитетот на крзното и кожата, со што на најдобар начин се заштитува миленикот од штетните ефекти на временските услови

Сите видови раси кучиња многу се разликуваат меѓу себе кога станува збор за нивната тежина и големина, односно кучињата се вид со најголеми варијации во тежината и големината во светот. Не треба да се биде експерт за сите раси што постојат за да се знае дека нивната тежина може да се движи од помалку од еден килограм до повеќе од 100 килограми.
Ваквите разлики во природата постојат само кај мајмуните, но тоа се всушност различни видови мајмуни, додека тука се зборува за варијации во рамките на еден ист вид.

Од една страна постојат џуџести раси кучиња како што е чивавата, додека од друга страна има џиновски кучиња како што се бернардинецот, шарпланинецот или кавкаскиот овчар. Со оглед на ваквите драстични разлики, се спроведени голем број истражувања во водечките светски центри за исхрана и нега на домашните миленици, како што е центарот „Ватам“, за да се воспостават и докажат диеталните потреби на различните категории кучиња.
Една од најзабележителните разлики е големината на гранулите во сувата готова храна за кучиња, која е адаптирана за да одговара на уникатната анатомија на черепот и вилицата кај различни раси. Но факт е дека ова не е единствената разлика, туку храната за различни категории кога станува збор за тежината е приспособена и на различната физиологија на кучињата.

Малите раси имаат подолг животен век, тие порано созреваат, брзо ги постигнуваат својата целна тежина и зрелост, а подоцна стареат, односно преминуваат во категоријата зрели постари кучиња. Таквите кучиња треба да се хранат со храна за јуниори до возраст од осум или девет месеци, кога постепено може да се префрлат на храна за возрасни, која е специјализирана за мали раси кучиња. Оваа храна е наменета за кучиња со тежина до десет килограми.
На помалите раси им е потребна релативно повеќе енергија по килограм телесна тежина од големите раси, бидејќи тие имаат повисок сооднос на површината на телото со нивната телесната маса од поголемите раси кучиња, и затоа се повеќе изложени на надворешни влијанија како што е температурата. Затоа храната за малите раси треба да е енергетски посилна и да содржи малку повисок процент на маснотии од храната што е наменета за поголемите кучиња. Упатствата за хранење што се напишани на производите за мали раси се грижат за овие потреби. Поради нивниот подолг животен век, малите раси треба подолго да останат на храна за повозрасни кучиња, а може да преминат на храна за возрасни некаде околу десетгодишна возраст.

Кога станува збор за функционална комплетно приготвена храна за мали раси, треба да се напомене дека таквата храна содржи и други формули за поддршка на органскиот систем кај кучињата. Целта е да се спречат одредени патолошки промени за кои се смета дека се подложни малите раси кучиња.
Истражувањата покажуваат дека тие се повеќе склони кон болести на долниот уринарен тракт, односно уринарниот систем. Поретко мократ, имаат поголема пеха-вредност во урината, имаат помал волумен на урина и имаат поголема концентрација на калциум во урината. Затоа нивната исхрана треба да ја поттикне циркулацијата на вода и да го редуцира нивото на одредени минерали, како што се магнезиум и калциум.
Исто така, таквата храна треба да содржи специјална мешавина од антиоксиданти (меѓу кои витамините Е, Ц и таурин), кои помагаат во функционирањето на имунолошкиот систем и во одржувањето на здравјето. Големината на гранулите за мали раси е приспособена за да им го олесни џвакањето и да го подобри нивното орално здравје, како по нивниот состав, така и по соодветната текстура и цврстина на гранулите.

Формулата за здравјето на цревата, која може да се најде во готовата храна за мали раси, содржи посебна мешавина на диетални влакна и пробиотици. кои го стимулираат развојот на добри бактерии во цревата, го забрзуваат минувањето низ цревата и влијаат на квалитетот на фекалиите. Правилниот однос на хранливи материи во комбинација со соодветни масни киселини, минерали и витамини, исто така, придонесува за зачувување на квалитетот на крзното и кожата, со што на најдобар начин се заштитува миленикот од штетните ефекти на временските услови.
Дополнителна специфичност за малите раси кучиња во однос на поголемите кучиња е релативно малото количество храна по оброк. Ова дава дополнителен избор околу тоа дали сакате да ги храните вашите миленици со сува (концентрирана) или со течна храна.
Течната храна во ќесички на некој начин е посоодветна за хранење на малите раси. Оброците спакувани во порција од 100 грама се едноставни за отворање и за сервирање. Ваквите оброци содржат сè што им е потребно, во соодветни количества и пропорции, оброците се вкусни, хранливи и лесни за варење, а уживањето на миленичето е немерливо за секој сопственик.