Три штрка на квадратен километар во Чешиново-Облешево

559

Гнездото број 14 се наоѓа на покривот на куќата на Мијалче Кузманов во Чешиново. Гнездото број 15 на електричниот столб кај куќата на Мирче Стојменов. Гнездото број 16 на електричниот столб пред куќата на Дафинка Димитрова. Бројот 17 на електричниот столб зад „Мак млин“. Гнездото 18 на покривот на силосите на „Млин Пајо“…

Оваа година здружението „Оризова братимка“ изврши пребројување на гнездата на штрковите во Чешиново. Изброени се вкупно 21 гнездо, додека во целата општина има над 200 гнезда на штркови.

– Во Чешиново имаме 21 пар штркови, кои оваа година одгледаа над 60 штркчиња, кои моментално ги учат да летаат, за да се подготват за долгиот пат што ги очекува – ни сподели Јорданчо Лефков, претседател на здружението јадрена група за одржливо производство на ориз „Оризова братимка“ од Чешиново.
Штрковите се заштитен знак за Чешиново. Во Чешиново се наоѓа и најголемото гнездо на штркови во светот, што е туристичка атракција и голем туристички потенцијал. Гнездото е високо 3,2 метри и има материјал од 5 до 7 тони. Гнездото стои на истото место со децении.

– Гнездото е стационирано на покривот на Задружниот дом во Чешиново, на кој се наоѓаат уште две други гнезда. Задружниот дом е сместен во еко-етно паркот во Чешиново, во кој се изградени инфотабли за штрковите, инфокуќи и набљудувачница за набљудување на штрковите од најголемото гнездо, со средства од Швајцарската агенција за развој и соработка и општината Чешиново-Облешево – вели Јорданчо.
Штрковите во Чешиново доаѓаат во огромни колонии, пред сѐ поради оризопроизводството, кое користи доста вода, а со самото тоа и изобилство од храна за нив. Тие доаѓаат секоја година во март, се размножуваат, малите стануваат способни да одлетаат токму поради изобилството храна во оризовите полиња. Нивните родители неуморно ги хранат сѐ дури не пролетаат и не станат способни сами да појдат во полињата по храна, за да соберат сили да можат да се вратат во Африка да презимат. И така секоја година.

– Во 2012 година општината Чешиново-Облешево поднесе барање преку „Еуронатур“ за да бидеме примени во мрежата на „Европските села на штркови“. Во 2013 година општината Чешиново-Облешево беше прогласена за европско село на штркот, поради најгустата популација на штркови, со речиси три штрка за секој квадратен километар, како и блискиот однос на локалното население со птиците. Јадрената група за одржливо производство на ориз „Оризова братимка“ подоцна почна со проектот „Производство на биосмарт-ориз“, што значи и грижа за животната средина, вклучувајќи го и биодиверзитетот, како жабите, ракчињата и целата популација, што ќе значи повеќе храна за птиците и подобрување на нивната популација – објаснува Лефков.

Јадрената група за одржливо производство на ориз „Оризова братимка“ е здружение што, грижејќи се за производство на ориз на одржлив начин, всушност овозможува опстанок на целиот екосистем и сите членови на ова живеалиште што изобилува со убавини, како во летниот, така и во зимскиот период, поради огромната посета од птици преселници.

– Во летниот период, поради бујната флора и фауна, а во зимскиот период растурениот ориз по нивите од жетвата е изобилство од храна за шатките, кои доаѓаат од северните предели. Нашата котлина изобилува и со огромна популација разни видови чапји, како што се ноќната чапја, сивата чапја, малата бела чапја и големата бела чапја. Со оглед на тоа што задружниот дом, каде што се изградени најголемото гнездо и уште две други гнезда, зафаќа доста голема површина, а е неискористен и празен, во насока на зголемување на туристичката понуда имаме иницијатива за изработка на проект за негова реконструкција, кој би можеле да го претвориме во дом на штркот. Во него би се предвидел музеј на штркот, во кој би имало поставки и информативни содржини за штрковите и кој би бил посетуван од страна на учениците и туристите од целата држава и пошироко. Покрај тоа и музеј на ориз, простории за сместување на заинтересираните посетители што би преноќувале во истиот објект на кој е сместено најголемото гнездо, како и инфоцентар за оризот – објаснува Лефков.