Кучињата се огледало на нивните сопственици

263

Според експертите и психолозите, не е само расата на кучето она што ги рефлектира нашиот карактер и интересите што ги имаме туку и сето она што го прави нашиот четириножен придружник: неговата големина, карактерот, воспитувањето, начинот на исхрана, па дури и неговата фризура

Кога гледаме некој мотоциклист со тетоважи и кожена јакна како шета наоколу со својот ротвајлер, или дама во елегантен костум, која оди на попладневна прошетка со својата уредно потстрижена пудлица, за нас е јасно дека овие кучиња се огледало на нивните сопственици. Сепак, не се сите сопственици и нивните домашни миленици толку впечатливо усогласени, па многумина се заинтересирани за она што го открива миленикот што го чуваат за нивната личност.
Според експертите и психолозите, не е само расата на кучето она што ги рефлектира нашиот карактер и интересите што ги имаме, туку и сето она што го прави нашиот четириножен придружник: неговата големина, карактерот, воспитувањето, начинот на исхрана, па дури и неговата фризура.

Доколку во минатото не сте размислувале и не сте ги истражувале расите на кучиња и нивните основни карактеристики, туку кучето сте го зеле од некоја кутија оставена на улица или преку оглас, затоа што едноставно не сте можеле да одолеете на таа слатка муцка на фотографијата, јасно е дека немате некое искуство со кучињата, туку првпат поседувате куче. Искусните сопственици знаат дека расното куче не се купува на улица или преку оглас, бидејќи во тој случај неговото потекло и, уште поважно, неговото здравје се ставени под знак прашалник. Искусните луѓе многу добро знаат дека за расно куче треба да се оди кај одговорен и угледен одгледувач и дека треба да се издвојат повеќе пари. Тоа значи дека сопствениците на расни кучиња се одговорни, дека размислуваат пред да дејствуваат, а и веројатно се и во подобра финансиска состојба. Од друга страна, оние сопственици што вдомуваат миленик од улица или од некој стационар се сметаат за емпатични и сочувствителни лица, кои не се плашат од преземање ризици и нивните одлуки се донесени од срце.
Според добропознатиот американски психолог Стенли Корен, кој исто така е автор на неколку популарни книги за кучиња, во минатото расните кучиња биле одраз на престиж и статус.

– Денес би рекол дека луѓето што чуваат расни кучиња повеќе сакаат да планираат и размислуваат неколку чекори понапред. Предноста на расното куче е што однапред можете да знаете не само како ќе изгледа кучето кога ќе порасне туку и каков ќе биде неговиот темперамент и како ќе се однесува. Од друга страна, оние луѓе што посвојуваат куче од познаник, кој повеќе не може да се грижи за него, од која било причина, се емпатични и сакаат да ѝ помогнат на оваа личност пред сѐ, тие се добри пријатели. Оние што вдомуваат куче од азил, пак, се водени од желбата да спасат еден живот. И едните и другите дејствуваат од срце, тие се топли и сочувствителни луѓе. Тие исто така имаат верба затоа што не знаат какво куче зеле за домашно милениче и се подготвени да го преземат тој ризик. Таквите сопственици се спонтани и помалку перфекционисти од оние што избираат расно куче за домашен миленик – објаснува психологот Корен.

И влакната на нашите миленици, како и фризурата што ја имаат може многу да откријат за нашиот карактер. Според Корен, пребирливите и педантни личности со уредни домови во кои секогаш сè е на своето место речиси никогаш не би избрале миленик со долги влакна, ниту со влакна што се влечат, бидејќи влакната едноставно не доаѓаат предвид.

– Од друга страна, пак, ако миленикот има долги искубани влакна, кои се влечат, голема е веројатноста дека сопственикот е спонтана личност, која не се оптоварува со детали и не се интересира што мислат другите луѓе. Педантните лица ќе изберат пудлица или бишон, а на пудлицата ѝ е потребно редовно чешлање и средување. Тие најчесто важат за најсредени потстрижени кучиња со најдобра фризура, а за нив се одлучуваат баш оние лица што најмногу се грижат за својот изглед и му посветуваат големо внимание – забележува Корен.

Карактерот на кучето исто така многу кажува за карактерот на неговиот сопственик. Пријателски настроени и разиграни кучиња најчесто ги отсликуваат исто таквите сопственици, друштвено расположени и опуштени, додека воздржаните и недруштвени кучиња обично живеат со помалку друштвени сопственици.

– Срамежливите и несигурни луѓе избираат кучиња со слични карактеристики, затоа што тие ќе бидат нивниот центар на светот и ќе им го посветат целосното внимание, што е многу погодно за нив и ги прави посебни. Сомничавите лица ќе изберат еднакво сомничави миленици и ќе ја истакнат таа нивна особина, да бидат секогаш недоверливи кон другите луѓе. Тие најверојатно ќе изберат кучиња-чувари за миленичиња. Меѓутоа и меѓу нив постои разлика. Всушност, постојат две крајности, оние луѓе што избираат кучиња-чувари, кои треба да го рефлектираат нивниот карактер, цврсти, силни и „опасни“, какви што се и тие самите, а од друга страна, ги имаме оние луѓе што се загрижени за својот свет и околината и кучето им ги обезбедува потребната заштита и чувство на сигурност, дека некој се грижи за нив – објаснува Корен.

Верувале или не, и навиките на миленикот јасно укажуваат на тоа како се чувствува неговиот сопственик.

– Ако на кучето му е дозволено да трча низ целиот стан во кој сите врати и сите простории на домот се отворени за него, тогаш сопственикот го смета за рамноправен член во своето семејство. Оние што своите миленици ги чуваат во кафез или врзани за синџир, тие не ги гледаат како живи суштества, туку повеќе како сопственост, нешто што го поседуваат. Ако домашното милениче спие во кревет направен според неговите потреби, на меки перници или во скапи креветчиња наменети за кучиња, тогаш тоа укажува дека сопственикот сака да му удоволува. И, ако на кучето му е дозволено да спие покрај креветот на сопственикот или со него, во тој случај сопственикот е со широко срце и емотивен – вели Корен.