Кучето ќе пие повеќе вода ако му ја направите повкусна

337

За време на летните топли денови треба да му се понуди на кучето што е можно повеќе вода пред да излезе од дома, но и по пат и откако ќе се врати дома

Се очекува пеколно лето според прогнозите на метеоролозите. Тешко лето и за луѓето и за животните. Кучињата, за разлика од нас, не се потат. Тоа значи дека нивната терморегулација мора да се воспостави на сосема поинаков начин. Дивите кучиња можат да ископаат дупка и да легнат во неа или под некое дрво со дебела сенка, но кучињата што се чуваат дома и зависат од сопствениците многу потешко ја поднесуваат топлината, па еве неколку правила за летото да им биде поподносливо.
– Никогаш не оставајте го кучето во автомобил додека надвор владеат високи температури. Сонцето може да ја подигне температурата во колата и до 20 степени од онаа што е надвор. Па, така, ако надвор е 23 степени, внатре може да биде и 43. Температурата расте рапидно и доколку е оставен еден прозорец. Тоа значи дека песот може за неколку минути да добие топлотен или срцев удар.
– Добро запознајте ја расата, иако нема голема разлика од едни до други раси. Ова претежно се однесува на булдозите, мопс, хртовите, оние со дебело црно крзно. Никој од нив не покажува дека му е претопло, а симптомите се појавуваат кога веќе е доцна. Дополнително треба да се води сметка за кучињата што се потат, како кучињата што се постари. Треба да се избегнуваат активности напладне, а и вежбите пожелно е да се практикуваат навечер или наутро.
– Не треба да се штеди вода. Треба да му се понуди на кучето што е можно повеќе вода пред да излезе од дома, но и по пат и откако ќе се врати дома.
Кучето ќе пие повеќе вода ако му ја направите повкусна. Додајте во неа малку пилешка супа, лажичка од омилената храна, парче месо, благо. Сепак не претерувајте. Не е неопходно да испие многу поголемо количество од вообичаено, туку малку повеќе.

Симптомите на дехидратација можат и да не се забележат, доаѓаат до израз кога веќе е доцна. Затоа треба да се внимава пред да дојде до сериозен здравствен проблем, а тоа може да бидат: задишаност, темнорозов и скоро црвен јазик, кој виси низ устата, сува и леплива уста, кучето постојано сака да прилегне, ги подига нозете за да ги олади шепите, едвај оди, се сопнува, го забавува темпото, повраќа. Ова се знаци дека на кучето му е претопло. Притоа кучињата нема да престанат да си играат, сѐ додека не колабираат. Затоа бидете внимателни.
– Постарите кучиња со заболување Ларингеална парализа исто така се под зголемен ризик да се прегреат, па дури и да дојде до смртни последици. Кучињата што лесно се задишуваат за да ја одржуваат терморегулацијата и да го забрзаат протокот на воздух низ дишните патишта се ладат побрзо, но кај оние кај кои каналите се затнати, нивото на терморегулација е ограничен. Тие обично се погласни кога дишат, изгледаат како да грчат или вдишувањето и издишувањето им е длабоко и тешко.
– Кога кучето ќе се прегрее, земете ладен пешкир или сунѓер, ставете го на стомакот или под пазувите и на шепите и веднаш дадете му вода за пиење. Никогаш не користете алкохолни облоги. А доколку кучето не покажува знаци на подобрување, веднаш појдете кај ветеринар – секоја минута е важна.
– Не шетајте ги кучињата по темни површини и тротоари. Тие нема да покажат никакви знаци дека шепите им се оштетени, а изгорениците може да бидат сериозни. Во секој случај, ако дојде до тоа, сами не преземајте ништо за да не предизвикате инфекции.
– Пред да излезете надвор проверете какво е времето и понесете сѐ што ви е потребно, особено ако се подготвувате за излет или за подолго шетање. Трудете се што повеќе да одите во сенка и одморајте почесто.
– Не хранете го кучето еден час ниту пред ниту по шетање или по вежбање.
– Црните или потемните кучиња имаат поголеми шанси за прегревање бидејќи впиваат повеќе сончеви зраци за разлика од посветлите кучиња. Затоа е важно што е можно повеќе да бидат на сенка. А за оние посветлите, во светот веќе почнуваат да се продаваат креми со заштитен фактор.