Коњите ги читаат човечките емоции

327

Разбирањето на коњите, односно воспоставувањето комуникација со нив е многу важно за нивната благосостојба, како и за безбедноста на луѓето што работат со нив

Се смета дека домашниот коњ е припитомен уште пред околу 6.000 години. Најблиски роднини на коњите се магарињата и зебрите. Коњите како вид еволуирале на рамнините во Северна Америка, но по припитомувањето таквите диви коњи изумреле. Се верува дека единствениот преостанат див коњ е пржевалскиот коњ (лат. E. Przewalskii). Тој претставува редок и загрозен подвид на дивите коњи, кои се многу ретки денес и најчесто се наоѓаат во зоолошки градини.
Според зоолошкиот систем, коњите се копитари, непарнокопитни и тревопасни животни. По природа, тие се внимателни, будни и плашливи, затоа што можат да бидат плен на месојади.

Разбирањето на коњите, односно воспоставувањето комуникација со нив е многу важно за благосостојбата на коњите, како и за безбедноста на луѓето што работат со коњи. Важно е да се разберат нивниот јазик и говор на телото. За жал, комуникацијата во светот на мирисите не е достапна за луѓето.
Коњите гледаат во две бои, т.е. тие гледаат синкава, жолта и сива боја и не гледаат во црвено-зелениот дел од спектарот. Гледаат многу подобро во текот на ноќта, но послабо гледаат на длабочина од луѓето.

Коњите може да гледаат речиси сѐ околу нивното тело (односно 360 степени) затоа што имаат широк периферен вид. Околу половина гледаат со едното око и половина со другото (монокуларен вид). Пред себе, коњите гледаат со двете очи, во овој случај гледањето на левото и десното око им се преклопува, така што двогледниот вид е околу 65 проценти. Коњите не гледаат само три степени зад себе. Право во просторот пред нивните очи, односно во малиот простор на конусниот облик, коњите исто така не гледаат, тоа е т.н. слепа точка.

Коњите добро ги гледаат движењата, а тоа е важно за нивната комуникација. Ушите, очите, муцката, опашката, нозете и држењето на целото нивно тело се користат за комуникација со видот. Ако очите на коњот се широко отворени, тоа значи дека тој чувствува страв, напнатост или возбуда, а доколку неговите очи се полузатворени, тогаш тоа е знак на релаксација.
Кога коњот е опуштен, ушите му се малку подлегнати наназад, а кога е возбуден, внимателен и љубопитен, тогаш ушите му се кренати нагоре. Доколку неговите уши се целосно паднати наназад, речиси до вратот, во тој случај тоа се знаци на гнев, иритација или страв.

Кај задоволниот коњ, опашката е опуштена, а кога неговата опашка е крената, тоа покажува дека е возбуден. Ниската опашка спуштена помеѓу нозете значи дека коњот е исплашен, но тоа може да се должи и на ветрот. Мавтање со опашката, пак, значи дека коњот е лут или сака да избрка некој инсект.
Доколку се анализираат активноста и положбата не телото на коњот, може да се воочат неколку комуникациски сигнали. На пример, ако коњот ја подигнува главата нагоре, тоа значи дека е на штрек, а ако го продолжи вратот нанапред, тогаш или е агресивен или се подготвува да се одбрани. Ударот со копитото по земја е знак на фрустрација или болка, но тоа е нормално и пред хранење.

Нормалните активности на коњите вклучуваат опуштено чекорење додека јадат, стојат или трчаат. Но причина за претпазливост е лежење, тркалање, потење, тресење на главата. Важно е да се знае дека коњите можат да спијат во стоечка положба.
Коњите за комуникација користат и различни звуци, а имаат и силно развиено чувство за мирис. Тие ги користат мирисите на другите коњи и феромоните за да комуницираат. Добиваат информации за нив од нивната урина, измет, плунка, кожни жлезди и здив. Во средбата помеѓу два коња, тие го истражуваат мирисот околу устата и носот, колковите и делот под опашката. На тој начин откриваат информации за полот, возраста и состојбата на другиот коњ.

Особено карактеристично за коњите е тоа што имаат т.н. Јакобсонов орган, кој им служи за детектирање феромони. Кога коњот ќе почувствува феромони во воздухот, тогаш тој го прави карактеристичното движење наречено „флемен“, ја повлекува горната усна, го собира носот, ја изложува внатрешноста на усните и во исто време длабоко дише и ја крева главата.

Во светот на животните, комуникацијата со допир е поврзана со удобноста и социјалното поврзување. Пример за ова е кога за време на митарење, еден коњ на друг му ги грицка грбот, гривата и нозете. Митарењето кај коњите е почесто во сезоната кога има повеќе паразити. Покрај тоа, коњите го користат допирањето со муцката и за подобрување на социјалниот однос. Тие имаат способност да ги чувствуваат вибрациите на земјата преку коските во нозете, односно може да почувствуваат земјотрес, како и трчање на друго стадо (ова истовремено е поврзано и со слухот).

Многу е важно луѓето да комуницираат со коњите преку допир на нежен начин. Истражувањата покажаа дека кај домашните коњи, тактилната стимулација (допир) предизвикува намалување на отчукувањата на срцето. Покрај тоа, кога станува збор за воспитување ждребе, тоа може да ја подобри неговата социјализација. При работа со коњи, се смета дека тонот со кој се зборува е многу поважен од самиот изговорен збор. Неодамнешните студии покажаа дека коњите ги читаат човечките емоции, се сеќаваат на тоа и го приспособуваат своето однесување.