Заштитете ги зајаците од топлотен удар

138
Фото: Горан Анастасовски

Никако не оставајте го вашето зајаче директно изложено на сонце. Пристапот до вода и зелена храна мора да биде постојан во текот на летото

Високите температури кај зајаците, како и кај животните што копаат дупки или тунели и се активни во раните утрински и во вечерните часови, влијаат лошо на нивното здравје. Но тешкотиите од летните горештини најсилно ги чувствуваат зајаците што се чуваат во надворешни услови.

Ветеринарот Бојан Смиљанов советува дека долгите влакна, кои се расна карактеристика кај некои видови, треба да бидат скратени. Места во домовите каде што има плочки се особено погодни за зајаците. И кофа со песок или шишиња со ладна вода обложени со крпа се идеални за разладување на овие миленичиња.

– Шишиња наполнети со три четвртини замрзната вода може да се стават во голем кафез, но претходно завиткани во крпа. Од шишето ќе се ослободува свеж и ладен воздух. Доколку животните преку ден имаат излез во градина или на отворено, мора да се обезбедат места со доволно сенка, како и со проток на свеж воздух. Никако не оставајте го вашето зајаче директно изложено на сонце. Пристапот до вода и зелена храна мора да биде постојан. Ако зајаците немаат излез во текот на годината во градина или на отворено, никако не пуштајте ги ни сега. Однесете ги на ладно место или обезбедете некој од горенаведените услови за разладување – апелира Бојан.

Транспортот при екстремно високи температури, препорачливо е да се избегнува или тој да се врши во добро климатизирани услови. Но, никако не треба да се остава клима-уредот директно да дува во вашето милениче.

– При високи температури зајаците се хранат и се движат помалку. Затоа високоенергетската храна треба да се избегнува. Кога температурите се високи, зајаците дури одбиваат и моркови. Но не треба да ги оставите и без јадење или само со салата и краставици, пред сè не попладне. Затоа што тие во овој период помалку се движат, а овие артикли содржат вода па може да дојде до болно надувување во цревата. Затоа поголеми количества храна давајте навечер, а преку ден дозите нека бидат помали. Се препорачува зајаците во секое време да имаат пристап до тревни површини – објаснува Смиљанов.


Прва помош

Зајаците вообичаено не се потат, бревтаат мошне малку и преку нивното дебело крзно едвај испуштаат топлина.
Тие само преку ушите може да ја регулираат температурата. Поради тоа, при висока температура и голема влажност на воздухот може да дојде до прегрејување на овие животни. Од топлотен удар пред сѐ треба да се чуваат прејадените, дебели, како и старите и скотни зајаци, објаснува Бојан Смиљанов.
Тој посочува дека симптоми при топлотен удар се:
– губење свест
– лежење на страна
– тешко дишење
– брз, но слаб пулс
Препорака при топлотен удар:
– завиткајте го зајакот во студена, мокра крпа
– потопете ги шепите на зајакот во вода
– сипете им вода во устата
– јавете се кај ветеринар за дополнителна терапија и подобрување на виталните функции.