Иако ја нема во продавниците и на пазарите, дудинката е вкусно и здраво овошје, кое е неправедно запоставено. Порано речиси во секој двор можеше да се најде дрво од дудинка, а денес, за жал, таа слика е многу изменета. Плодовите на дудинката по изглед потсетуваат на капините. Во себе содржат шеќери, витамини, минерали и растителни влакна, а притоа имаат многу малку калории. Белите дудинки зреат во јуни, а плодовите се со сладок вкус. Црната дудинка започнува да зрее кон крајот на јули, а плодовите ѝ се горчливи и според лековитите својства ја надминува белата дудинка.

Дудинката е овошје што содржи шеќери (фруктоза и гликоза), витамини (А, Ц, К, Б1, и Б2), голем број минерали и скапоцени влакна. Има ниска калориска вредност, малку поголема од 43 калории на 100 грама, поради што се препорачува при разни режими на исхрана и разни диети. Содржи и многу флавоноиди, меѓу кои се наоѓаат и рутинот и морозинот.

Има и антоцијанини, исто така флавоноиди, кои на ова овошје му ја даваат црвената боја, а поседуваат антиоксидантни својства и дејствуваат против стареење. Уште еден моќен антиоксидант во неа е ресвератролот, кој дејствува против холестеролот и на тој начин одлично успешно го намалува ризикот од настанување на голем број кардиоваскуларни болести.