Печењето, готвењето и скиселувањето на сезонскиот зеленчук се обичаи што сè уште се практикуваат на нашите простори пред самиот почеток на зимата, а во нив ужива целото семејство. Така, од доматите, пиперките, краставиците и модриот патлиџан можете да приготвите голем број вкусни јадења што траат во текот на целата зима и можете да ги извадите на трпезата во кое било време.

Од оваа листа не може да се изостават и вкусните џемови од сливи, јаболка или јагоди. Еве неколку корисни совети за приготвување добра зимницата:

1. Старите препорачуваат: за добра зимница, потребно е да ги употребувате најквалитетниот зеленчук и овошје.
2. Одберете здрави и цврсти плодови. Тоа значи дека ако некое овошје или парче зеленчук имаат некој скапан дел на себе, морате тој дел да го отстраните.
3. За готвење на ајварот, малиџаното или салцата се препорачува употреба на емајлирани и алуминиумски садови.
4. Пред да ги употребите, стаклените тегли и шишиња треба добро да ги стерилизирате.

5. Пред самиот почеток подгответе ги стаклените тегли. Тие мора да бидат чисти и суви. Добро измијте ги со средство за миење садови.
6. Важна улога играат и капачињата. Тие не смеат да пропуштаат воздух.
7. За да ги стерилизирате теглите, морате да ги оставите во рерна на топлина. Тоа значи дека стаклените садови треба да ги ставите во рерна на температура од 200 степени околу пет минути, или на температура од 150 степени околу десет минути.
8. Пред полнење на стаклените тегли, врвовите треба да ги пребришете со алкохол.
9. Никогаш не полнете ги стаклените тегли и шишиња до самиот врв. Оставете барем 2 см празен простор.
10. При приготвувањето на зимницата е важна и пастеризацијата. Во теглите ставете го зеленчукот на тој начин што треба да има што е можно помалку простор меѓу него. Додајте оцет, масло сол и црн пипер.
11. Оцетот треба да биде над површината пополнета со зеленчук, кој треба да плива во него.
12. Затворете ги теглите и 30 минути грејте ги на температура од 80 степени.


Вкусно и здраво, без конзерванси

Наједноставниот и најпрактичен начин да ги задржите здравјето и свежината на зеленчукот до следната пролет, секако, е зимницата. Ние ви претставуваме идеален начин на приготвување зимница, на сосема природен начин.
Најздравиот начин на приготвување на зимницата, секако, е оној без конзерванси, зеленчукот директно не се изложува на високи температури, а целото богатство на витамини и минерали ќе биде зачувано до следната година. Како природни конзерванси користете оцет, сол и шеќер, кои ќе овозможат зеленчукот по ферментацијата да ги зачува целиот свој вкус и текстура. Класична туршија без конзерванс можете да направите на следниот начин:

Потребен зеленчук:
– краставици
– зелени домати
– моркови
– карфиол
– црвен кромид (помали главички)
– ротквички
– пиперки
– зелка
Потребни зачини:
– сол
– шеќер
– црн пипер во зрно
– лаворов лист
– алкохолен оцет 9%

Целиот зеленчук измијте го, исчистете го од потемнетите делови и добро исушете го од водата. По потреба, пресечете го на помали парчиња. Во теглички густо наредете го наизменично, од секој вид по малку. Преку зеленчукот во секоја тегличка посипете по една мала шолја оцет, по едно лажиче сол и шеќер, неколку зрна црн пипер и по еден лавров лист.

Потоа теглата дополнете ја со ладна вода. Добро затворете ги теглите со капачиња и наредете ги во тенџере, кое ќе го наполните со вода до капакот. Ставете го на шпорет. Кога водата ќе почне да врие, намалете ја температурата и оставете ја лесно да се вари уште десетина минути.

Потоа внимателно извадете ги теглите и со капачето надолу свртете ги и наредете ги во голем сад. Покријте ги со некоја топла прекривка. Оставете ги прекуноќ да се изладат на собна температура. Вака приготвената зимница е комплетно конзервирана без никакви додатоци, сосема природна и без опасност од расипување.