Освен хидратантни придобивки, краставицата нуди цел спектар здравствени бенефиции за целокупниот организам. Краставицата во нејзиниот состав е богата со билни состојки и антиоксиданти што можат да помогнат во третирањето и превенирањето многу здравствени состојби.

Исто така, таа е со ниска калорична вредност, богата е со вода и растворливи растителни влакна, кои ја прават идеална во борбата со вишокот телесна тежина. Една краставица со тежина од 300 грама, неизлупена, содржи 45 калории, 11 грама јаглехидрати, два грама протеини, исто толку растителни влакна, 14 проценти витамин Ц, 62 проценти витамин К, десет проценти магнезиум, 13 проценти калиум и 12 проценти манган. Околу 96 проценти од краставицата е вода.
За да се добијат максимално здравствените бенефиции од неа, потребно е таа да се консумира нелупена. Кога ќе ја излупите, автоматски губите од растителните влакна, како и од витамините и минералите.

Антиоксидантите се молекули што ја блокираат оксидацијата, која, пак, е хемиска реакција што се формира од високореактивни атоми со неспоиви електрони, познати како слободни радикали. Акумулирањето на овие штетни слободни радикали може да доведе до неколку вида хронични заболувања.

Всушност, оксидацијата се поврзува со канцерот и болестите на срцето, белите дробови, како и автоимуните болести. Овошјата и зеленчуците, пак, се богати со антиоксиданти и тие помагаат за намалување на овие состојби.
Една студија ја измерила антиоксидативната моќност на краставицата така што на 30 постари лица им била сервирана краставица во прав. На крајот од триесетдневното истражување, краставицата придонела за значителен пораст на антиоксидативната борбеност на нивниот организам.

Водата е значајна за нормалното и здраво функционирање на нашиот организам. Таа има главна улога во регулирањето на телесната температура, па, така, соодветната хидратација има позитивно влијание врз физичкото здравје и метаболизмот.
Додека некои лица дневната потреба од вода ја задоволуваат пиејќи вода, други истата потреба можат да ја задоволат преку храна. Овошјата и зеленчуците се добар извор на вода во вашата исхрана. Бидејќи краставицата во својот состав е дури 96 проценти вода, таа е особено ефикасна во хидрирање на целокупниот организам.

Ефикасна во борбата со вишокот килограми

Поради нискиот состав на калории, краставицата е одличен избор во вашата борба со вишокот килограми. Во една порција од 104 грама, краставицата содржи 16 калории. Тоа значи дека можете да јадете колку сакате краставица без да ја зголемите вашата килажа.
Едно истражување спроведено на 3.628 лица покажало дека консумирањето храна што во својот состав е богата со вода, а ниска со калории, значително помага во слабеењето.

Го намалува шеќерот во крвта

Неколку теста што биле направени покажале дека краставицата помага во намалувањето на шеќерот во крвта и во намалувањето одредени состојби што ги предизвикува дијабетесот.

Го штити мозокот од невролошки болести

Антивоспалителното својство на краставицата е познато како физетин и помага во одржувањето на здравјето на мозокот. Честото консумирање краставица помага во намалувањето на веројатноста од болести на мозокот, а помага и во одржувањето на когнитивната функција на мозокот кај луѓето со Алцхајмерова болест.

Воспоставува нормална активност на дебелото црево

Дехидрирањето е главен ризик за констипација. Краставиците, бидејќи се богати со вода, помагаат во борбата со констипацијата и можат да помогнат во одржувањето редовно празнење на цревата.
Растителните влакна, пак, со кои се богати, помагаат во нормалното работење на цревата.

Одлична е за здрав изглед на очите и на кожата

Сигурно сте забележале дека најголемиот број кремови за лице во својот состав се богати се краставица. Тоа не е случајно. Поради тоа што е богата со вода, краставицата помага во одржувањето на младиот и свеж изглед на кожата. Во домашни услови доволно е да го масирате лицето со пресечена краставица наполу. Лицето ќе ви биде благодарно.

Доколку, пак, сте имале напорна ноќ, очите ви се уморни и имате темни кругови околу нив, само исечете едно крукче од краставицата, ставете го на очниот капак и одморајте. За 15 минути ќе забележите олеснување, очите ќе бидат одморени, а кожата околу нив свежа.

Помага во битката со изгореници

Доколку имате изгореница на кожата, независно дали е од сонце или пак од нешто друго, доволно е на местото да ставите краставица. Не само што ќе се намали болката туку ќе се намали и чувството на печење на местото на изгореницата, а поради нејзиниот богат состав со вода, ќе се превенира и останувањето лузна, бидејќи кожата во тие моменти е изгорена и дехидрирана, па водата е клучна за нејзиното регенерирање.

Го намалува лошиот здив

Лошиот здив може да биде предизвикан и од одредена бактерија во усната празнина. Краставицата може да помогне во намалувањето на лошиот мирис. Бидејќи е богата со вода, нејзиното консумирање ја мие устата од лошите бактерии и лошата миризба.

[email protected]