Веројатно многупати досега на старо чоколадо сте забележале чуден бел слој на површината и сте биле во дилема дали смеете да го изедете.
Всушност станува збор за „цветање“ на чоколадото и тоа е сосема сигурно за консумација. Има два вида на оваа појава: шеќерно цветање, кога белиот слој обично е сув, и мрсно цветање, кога се појавуваат мрсни бели линии. Шеќерното цветање се случува кога површината на чоколадото е влажна, а влагата го топи шеќерот, па кога чоколадото ќе се исуши, кристалите остануваат на површината. Оваа појава обично е резултат на неправилно чување. На пример, ако чоколадото се чува на топло место, неговата површина почнува да се „поти“. Мрсното цветање, пак, се случува кога маста од чоколадото излегува на површина. Чувањето на чоколадото на топло може да биде причина за тоа, како и големите температурни промени.
Бидејќи белиот слој е само шеќер или маст, ако го изедете, ништо нема да ви се случи, но оваа промена ќе влијае на текстурата, па чоколадото може да има малку чуден вкус.