Пченка и пуканки за добро здравје

Пченката е билка што потекнува од Средна и од Јужна Америка. Се одгледува во умерени и топли делови од светот. Таа во голем дел од светот стана основна храна, со целосно производство што го надмина производството на пченица и ориз. Меѓутоа, секоја пченка не е за консумирање. Нејзини подвидови се користат за хранење стока, а дел за добивање пченкарен скроб и сируп. Една од најпознатите видови пченка кај луѓето е „шеќерната пченка“. Таа е житарка што ви нуди цело зрно богато со витамини. Богата е со јаглехидрати па затоа во многу национални кујни се консумира наместо леб.

Здравствени придобивки

Пченката е добар извор на растителни влакна. Половина од едно парче содржи околу три грама растителни влакна. Добра е во борбата против холестеролот и регулирањето на крвниот притисок, како и во диететски режими. Богата е со витамин Ц, магнезиум, Б витамини, а здрава е затоа што има многу малку маснотии, помалку од еден грам во едно клавче. Витаминот Ц е важен за обновување на ќелиите како и за силен имунитет, но тој е добар еликсир и против стареење. Б-витамините се важни за енергијата на метаболизмот, додека магнезиумот е одличен за нервниот систем и контракции во мускулите. Пченката, исто така, е богата и со антиоксиданси, кои се од исклучителна важност за здравјето.

Нутритивни вредности за едно клавче со средна големина

вкупно масти 1 г
заситени масти 0,2 г
холестерол 0 мг
натриум 0 мг
калиум 163,24 мг
јаглехидрати 18,67 г
диететски влакна 2,1 г
шеќери 4,04 г
протеини 3,03 г
витамин А 4 отсто
витамин Ц 8 отсто
железо 2 отсто

Консумирање

Пченката може да се јаде и незготвена. Има благ вкус и е крцкава. Најдобро е да се јаде свежа или свежо замрзната пченка. Конзервираната треба да ја избегнувате затоа што е богата со конзерванси.
На нашите простори пченката најмногу се консумира во форма на пуканки. За да се добијат пуканки, таа се суши, а потоа зрната се пржат на силен оган.
Нутриционистите велат дека консумирањето пуканки всушност е добро за вашето здравје. Ќе наброиме неколку причини поради кои е здраво да се јадат пуканките.

– Имаат многу мал број калории доколку ги правите на вистински начин
Ставете неколку лажици пченка во кафено хартиено ќесе, преклопете ги врвовите така што ќе бидете сигурни дека ќесето е добро затворено и ставете го во микробранова. Доколку немате микробранова, сепак можете да ги приготвите на малку масло во загреано тенџере.

– Пуканките можат да помогнат во борбата со ракот
Пуканките се богати со полифеноли, кои, всушност, имаат способност да ги блокираат ензимите што му се потребни на ракот за да расте.

– Пуканките иако се зготвени, сепак се житарка од цело зрно
И докторите и нутриционистите ќе ви препорачаат да консумирате житарки од цело зрно. Пуканките се единствени грицки направени од цело зрно од житарка.

– Помагаат во битката со констипација
Бидејќи станува збор за производ добиен од цело зрно, пуканките можат да ви помогнат во одржувањето на вашиот метаболизам и дигестивен тракт. Студија од 2008 година покажува дека луѓето што уживаат во консумирањето пуканки, го зголемиле внесувањето на растителни влакна за 22 проценти.

– Пуканките се диетални грицки, но и добри се за дијабетичари
Високата содржина на растителни влакна и ниското ниво калории ги прават пуканките идеални за луѓе што се на диета и внимаваат на својата телесна тежина. Пуканките се здрави и за лицата што боледуваат од дијабетес.

– Пуканките имаат повеќе железо од спанаќот
Иако не многу, сепак, според научните истражувања, 28 грама пуканки имаат 0,9 милиграми железо, додека 30 грама свеж спанаќ има 0,8 милиграми. Иако бројките се минимални, сепак добро е да се знаат здравствените бенефиции од нивното консумирање.