Девет изненадувачки здравствени придобивки од медот

Уште од античко време, медот се користи и како храна и во медицински цели. Има голем број растителни состојки и многу здравствени придобивки. Медот е одлична замена за рафинираниот шеќер, кој, пак, е со стопроцентни празни калории.

 

1. Содржи голем број нутриенти

Медот е блага, леплива течност направена од пчелите. Пчелите собираат шеќер, главно нектар од цвеќињата. Откако ќе го преработат, крајниот производ е медот. Мирисот, вкусот и бојата, зависат од видот на цветовите од каде што пчелите собирале нектар.
Нутритивно, една супена лажица мед, или околу 21 грам, содржи 64 калории и 17 грама шеќер, вклучувајќи фруктоза, глукоза, малтоза и сахароза.
Медот изобилува со биоактивни растителни состојки и антиоксиданти. Потемните видови мед имаат поголемо количество од овие состојки.

2. Висококвалитетниот мед е богат со антиоксиданти

Висококвалитетниот природен мед содржи значајни антиоксиданти. Тоа вклучува органски киселини и фенолени состојки како флавоноиди. Научниците веруваат дека комбинацијата од овие состојки му дава голема антиоксидантна сила на медот.
Она што е интересно е дека науката покажала дека медот од цвет од леќа, ја зголемува антиоксидантната вредност на крвта. Антиоксидантите се поврзуваат со намален ризик од срцеви заболувања, удари и некои видови канцер. Тие исто така промовираат и добро здравје на очите.

3. Медот е „помалото зло“ за дијабетичарите

Кога станува збор за медот и дијабетесот, науката има измешани ставови. Од една страна, медот има способност да намали одредени фактори за развој на срцеви болести, кои се сродни кај лица заболени од дијабетес. На пример, ги намалува лошиот ЛДЛ-холестерол, триглицеридите и воспалението, додека го зголемува добриот ХДЛ-холестерол.
Од друга страна, некои студии покажуваат дека медот може да го зголеми нивото на шеќер во крвта, но сепак не како што го прави тоа рафинираниот шеќер.
Иако медот е подобар избор од рафинираниот шеќер за луѓето со дијабетес, сепак тие треба да го консумираат во мали количества и со голема претпазливост.

4. го намалува крвниот притисок

Крвниот притисок е важен ризик-фактор за срцевите болести, а медот може да помогне за нивно намалување. Тоа е така затоа што содржи антиоксиданти, кои се поврзуваат со намалување на крвниот притисок. Студиите покажуваат дека лицата што консумирале мед, имале понизок притисок од оние што не го правеле тоа.

5. Медот го намалува холестеролот

Лошиот холестерол, познат како ЛДЛ-холестерол, е еден од најголемите ризик-фактори поврзани со развој на срцеви болести. Овој тип холестерол игра огромна улога за затнување на артериите што, пак води кон срцеви и мозочни удари. Неколку студии покажуваат дека медот може да го намали нивото на лошиот холестерол. Го намалува лошиот холестерол, а го зголемува добриот.
Една студија, направена на 55 пациенти што консумирале мед наутро по една супена лажица, покажала дека имале 5,8 проценти намалување на ЛДЛ-холестеролот, а 3,3 проценти зголемување на добриот ХДЛ-холестерол. Исто така, студијата покажала дека медот придонел и за намалување на телесната тежина за 1,3 процент.

6. Медот ги намалува триглицеридите

Триглицеридите се уште еден ризик-фактор за развој на срцеви болести. Тие се поврзуваат со отпорноста на инсулин, главната причина за развој на дијабетес тип 2. Триглицеридите се зголемуваат со консумирање храна богата со шеќери и рафинирани јаглехидрати.
Неколку студии покажуваат дека лицата што редовно консумирале мед имале намалување на триглицеридите, а тоа посебно било забележано кај лицата што наместо шеќер користеле мед. Лицата што консумирале мед наместо шеќер имале за 11-19 проценти помало ниво на триглицериди во споредба со оние што консумирале шеќер.

7. други многубројни позитивни здравствени ефекти

Медот е богат извор на феноли и други антиоксидантни состојки. Многу од овие состојки се поврзани со намалување на ризикот од срцеви болести. Медот ги прави артериите проточни и го зголемува протокот на крв до срцето. Една студија покажала дека медот го штити срцето од оксидативен стрес.

8. помага за заздравување изгореници и рани

Медот уште од античко минато се користи за заздравување рани и изгореници. Заклучокот од 26 направени студии покажува дека медот е најдобар за заздравување изгореници, но и на постоперативни рани што се инфицирале по операција.
Медот исто така помага во третманот на рани на нозете кај дијабетичарите, кои се сериозни компликации што можат да доведат до ампутирање на нозете.
Една студија покажала дека кај 43,3 проценти од луѓето, раните побрзо зараснале отколку кај оние што не користеле мед. Во друга студија, пак, се покажало дека кај 97 проценти од луѓето заболени од дијабетес, кои веќе имале рани на нозете, истите тие биле значително заздравени по користењето мед.
Научниците веруваат дека исцелувачките моќи на медот доаѓаат од неговото антибактериско и антивоспалително дејство, како и од неговата способност да ја негува кожата каде што е нанесен. Исто така, може да помогне и при псоријаза и херпеси.

9. Помага при намалување кашлица

Кашлицата е доста чест проблем кај децата при горнореспираторни инфекции. Овие инфекции може да влијаат на квалитетот на сонот и кај децата и кај родителите. Лековите и сирупите секогаш не може да помогнат во вакви случаи, па можеби подобар избор е да се консумира мед.
Една студија покажала дека медот подобро реагирал кај лица со кашлица, за разлика од два лека против кашлица. Друга студија покажала дека медот многу подобро дејствува на кашлицата и на квалитетот на сонот отколку преостанатите лекови наменети за тоа.
Сепак, кај деца помали од една година, мед не треба да се дава бидејќи постои ризик од ботулизам. Некои од нутриционистите препорачуваат мед да се даде по втората, па и третата година од животот на детето, не само поради спречување ботулизам, туку и поради високоалергеноста на медот.

[email protected]