Дваесет и пет суперздрави продукти

Консумирањето здрава храна воопшто не треба да биде здодевно. Постојат многу здрави продукти што се и вкусни, а кои можете да ги комбинирате во своето неделно мени

Овошје и шумски плодови

Овошјето и шумските плодови се добро познати здрави продукти што треба да се дел од секој појадок, бидејќи најважно е организмот да ги апсорбира сите витамини кои ги нудат овие производи.

1. Јаболката се богати со растителни влакна, витамин Ц и голем број антиоксиданти. Најдобро е да изедете едно јаболко наутро пред појадок, но добри се и како одлична ужина, па може да ги консумирате и помеѓу оброците.
2. Авокадото е богато со здрави масти. Богато е со растителни влакна, потасиум и витамин Ц.
3. Бананите се можеби најдобриот извор на калиум. Богати се со витамин Б6 и со растителни влакна.
4. Боровинките не само што се вкусни туку се и еден од најмоќните извори на антиоксиданти. Неколку зрна во утринскиот кашест сок и вашиот организам ќе ви биде благодарен.
5. Портокалите се богати со витамин Ц. Добро исцеден сок од портокал наутро ќе ви даде голем број придобивки во детоксикацијата на организмот и ќе ве наполни со енергија.
6. Јагодите имаат ниско ниво на калории и јаглехидрати и се богати со манган, поради што се одличен избор за вашето неделно мени. Вишните, грозјето, кивито, праските, крушите и другите овошја се исто така богати со витамини и минерали потребни за функционирањето на организмот.
7. Иако доста долго јајцата се сметаа за штетна храна, која е богата со холестерол, сепак, науката покажа дека се едни од најнутритивните.
Јатки, семиња и кикиритки
Иако се богати со масти и калории, истражувањата покажаа дека јатките и семињата се одлични во борбата со вишокот килограми
8. Бадемите се богати со витамин Е, антиоксиданти, магнезиум и растителни влакна. Потребно е да ги имате на менито барем еднаш во текот на една недела. Тие се богати и со протеини, што ги прави одлични во битката со вишокот килограми.
9. Оревите содржат омега-масни киселини, кои се значајни за работата на мозокот. Токму затоа е потребно да консумирате ореви.
10. Нутриционистите го препорачуваат чиа-семето како еден од продуктите што се најбогати со нутриенти. Чиа-семето е богато со магнезиум и растителни влакна.
11. Кикиритките секогаш се подобра варијанта од штетните грицки. Богати се со антиоксиданти и одлични во борбата со вишокот килограми.

Зеленчук
Секојдневниот внес на различни видови зеленчук е доста важен за здравјето, бидејќи секој зеленчук содржи различни витамини што му се потребни на организмот.
12. Аспарагусот е богат извор на витамин К, а со ниско ниво калории и јаглехидрати.
13. Пиперките се едни од зеленчуците со најголема содржина на витамин Ц.
14. Брокулата има одличен вкус и кога е зготвена и кога е свежа. Богата е со витамин К, растителни влакна, витамин Ц и протеини.
15. Морковот, освен што е богат со витамини и антиоксиданти, содржи и каротин, што го прави одличен за добар изглед на кожата. Меѓутоа претераниот и секојдневен внес на моркови може да ја обои кожата, затоа е потребно разумно консумирање.
16. Краставицата е богата со вода, така што треба да се консумира во летниот период, бидејќи ја хидрира кожата и е одлична за бубрезите и нивната работа.
17. Лукот дефинитивно е крал на сите зеленчуци. Тој е еден од најдобрите природни антибиотици што се борат против вируси и настинки, но и против високиот притисок и холестеролот. Одличен е за целокупниот имунитет.
18. Кромидот има толкава моќ што само половина исечена главица оставена прекуноќ во просторијата во која спиете ќе ве спаси од несоница, вируси и затнат нос. Ако надворешните придобивки од кромидот се толку големи, замислете колку е корисно неговото секојдневно консумирање.
19. Доматите се одличен извор на витамин Ц, а одлични се за лекување чиреви и плускавци.

Мешунки
Добро е познато дека мешунките се одличен извор на протеини, но се одлични и за работата на цревата
20. Кај гравот единствено нешто на што треба да внимавате при готвењето е добро да го сварите, бидејќи кога не е добро сварен е штетен за здравјето.
21. Леќата е одличен извор на железо за слабокрвните. Богата е и со протеини, а е одлична и во борбата со запекот.
Млечни производи
Иако во последно време на големо е актуелна кампањата дека млечните производи се штетни за организмот, сепак науката не смета дека тоа е така.
22. Едно мало парче сирење е исто како да сте испиле една шолја млеко.
23. Најдобриот извор на калциум е млекото, кое содржи и животински протеини и здрави масти потребни за организмот.
24. Јогуртот е најдобар избор во борбата со мрзливите црева и со лошите бактерии во цревата. Тој е еден од најдобрите пробиотици што можете да му ги понудите на вашиот организам.
25. Од сите досега набројани продукти, црното чоколадо можеби е една од најздравите и највкусните. Богато е со магнезиум, антиоксиданти, но и одлично е во борбата со депресијата.

daniela.t@novamakedonija.com.mk