Да престанеме со консумирање шеќер не значи и да се откажеме од благо!

676

Белиот шеќер не само што не ги содржи витамините и минералите туку тој предизвикува и губење на некои од нив. Така, на пример, шеќерот предизвикува губење на хром од организмот, па телото треба овој минерал да го извлекува од своите резерви. Истото тоа се случува и со калциумот, фосфорот и железото. Со консумирање бел шеќер слабее и контролата на нивото на шеќерот (гликоза) во крвта.

Во екстремни случаи може да доведе до развој на шеќерна болест (дијабетес), која денес е во постојан пораст. Решение не е ни кафениот шеќер, бидејќи иако содржи малку минерали, тој во организмот се разградува исто како и белиот шеќер. Но најдобро е ако шеќерот го замениме со природни засладувачи. И кај нас можат да се најдат квалитетни десерти и слатки со засладувачи од житарки, како од јачмен (јачменов слад – малтекс), ориз, пченка, просо… Гроздовиот слад, маџун, се добива од гроздовиот сок на најквалитетните видови виновa лоза и е богат со здрави нутриенти.

Јаворовиот сируп исто така е многу корисен природен засладувач, кој е ризница од витамини, минерали и други здрави нутриенти. Главен извор на квалитетен шеќер би требало да бидат житарките, коренестиот зеленчук и овошје и нивните производи. Квалитетната и разновидна исхрана, овошјето и зеленчукот, секако, можат да помогнат во намалувањето на желбата за шеќер.

За разлика од белиот шеќер, медот е извонредна храна, која по својот состав во целост одговара на физиолошките потреби на човечкиот организам и во многу случаи може да биде корисна замена за белиот шеќер. Медот исто така е природен засладувач, кој може да го замени шеќерот.


Разлика меѓу козјото и кравјото млеко

Козјото млеко се разликува од кравјото по бојата, вкусот и мирисот. Козјото млеко содржи помалку натриум, а повеќе калиум и хлориди. Содржи помалку железо, фолати и витамин Д, па доенчињата што се на исхрана само со козјо млеко можат да заболат од еден вид анемија, т.н. мегалобластна анемија, која се јавува како последица на недостиг од фолати и витамин Б12. Поради опасноста од бруцелоза, козјото млеко треба да се свари веднаш по молзењето. Во однос на кравјото, козјото млеко содржи повеќе есенцијални масни киселини и полесно е за варење, бидејќи неговите масти се составени од помали честици за разлика од мастите од кравјото млеко, кои се потешки за варење. Калориската вредност на козјото млеко е речиси иста со онаа на кравјото.
Козјото млеко е добар извор на минерални материи, кои му се потребни на човечкиот организам. Тоа е одличен извор на витамини. Еден литар козјо млеко ја содржи дневната потреба од витамини за човечкиот организам. Белковините од козјото млеко се слични со белковините во мајчиното млеко.
Од козјото млеко се прави и сирење, кое е многу здраво. Во светот постојат 450 вида козјо сирење. Козјото млеко и сирење се препорачуваат за прочистување на организмот и за зголемување на имунитетот.


Во која храна го има железото и кои се дневните препорачани дози?

Потребите за железо се различни во различни периоди од животот. Најмногу железо е потребно во периодот на растењето, т.е. најмногу железо им е потребно на децата и тинејџерите. Исто така и бремените жени и жените со обилна менструација треба да примаат поголемо количество железо.

Препорачани дневни потреби на железо:
Деца (1-10 години) – 7 до 10 мг
Жени (над 19 години) – 18 мг
Трудници – 27 мг
Доилки – 9-10 мг
Мажи (над 19 години) – 8 мг

Храна богата со железо
Најмногу железо содржат: месото, рибата, јаткастите плодови, гравот и жолчката од јајце, спанаќот, леќата, кивито, јагодите, малините и другото зрнесто овошје, брокулите, карфиолот, компирите, доматите.
Чаша свеж сок од портокал и житарки можат да ја зголемат апсорпцијата на железото во телото. Витаминот Ц му помага на телото да го внесе железото во метаболизмот.