Брокула – витаминска бомба

Брокулата е зеленчук што асоцира на мало дрво. Се наоѓа во групата зеленчуци како што се зелката, карфиолот и прокељот. Таа е витаминска бомба. Полна е со антиоксиданти, минерали и витамини. Брокулата може да се јаде свежа или зготвена. Независно како ја консумирате, бенефициите од неа не изостануваат. Таа е одличен извор на витамин Ц. Околу 70 грама брокула обезбедуваат дури 84 проценти од дневната препорачана доза.

Содржи моќни антиоксиданти
Антиоксидантите со кои изобилува брокулата се најголемата бенефиција за човечкиот организам. Антиоксидантите се молекули што ги обновуваат и штитат клетките од штета предизвикана од слободните радикали.
Тоа води кон намалување на воспаленијата и кон подобрување на имунитетот.
Таа е полна со глукорафанин, кој е моќен антиоксидант за време на дигестијата.
Познат е и како сулфорафан, кој, според науката, помага за намалување на крвниот притисок, нивоата на шеќер и холестерол во крвта, оксидативниот стрес, како и за намалување на развојот на хронични болести. Таа содржи и лутеин, кој ги штити очите од оксидативниот стрес.

Биоактивни состојки што спречуваат воспаленија
Брокулата содржи биоактивни состојки што може да го спречат воспалението во ткивото. Неколку состојки во брокулата работат синергично, за да го постигнат овој ефект, иако и поединечно се покажале како одлични за организмот. Каемферолот во брокулата е флавоноид што во истражувањата демонстрира силно антивоспалително својство, па затоа брокулата треба да биде дел од секојдневното мени, особено кај луѓе склони на воспаленија. Штити од неколку видови канцер.
Брокулата содржи биоактивни состојки што ги штитат клетките од оштетувања предизвикани од хронични болести. Неколку студии покажуваат дека консумирањето брокула може да заштити од неколку вида канцер, и тоа од канцер на дојка, простата, канцер во дигестивниот тракт, како и канцер на бубрезите.
Антиоксидантите и влакната го намалуваат количеството шеќер во крвта.

Го контролира нивото на шеќер во крвта
Консумирањето брокула може да ви помогне во контролирањето на нивото на шеќер во крвта, сето тоа благодарение на антиоксидантите со кои изобилува.Една студија покажала дека брокулата значително ја зголемува отпорноста кон инсулин кај луѓе што ја консумирале еден месец секојдневно.
Брокулата е богата со растителни влакна, што ја прави одлична за здравјето на дијабетичарите.

Го поддржува срцевото здравје на неколку начини
Неколку студии покажале дека брокулата е одлична за срцевото здравје, и тоа на повеќе начини. Лошиот, ЛДЛ-холестерол и високото ниво на триглицериди се главна причина за срцеви заболувања. Токму тука брокулата се истакнува со своите својства. Луѓето што консумирале брокула секојдневно имале покачено ниво на добриот холестерол, а нивото на лошиот холестерол и на триглицеридите било намалено.
Друго истражување покажува дека брокулата го намалува ризикот од срцев удар, што значи дека брокулата е одлична за целокупното срцево здравје.

Здрава дигестија и намалена констипација
Брокулата е богата со растителни влакна и антиоксиданти, кои се многу важни за здравјето на цревата и дигестијата. За нормално функционирање на цревата се потребни добри бактерии, кои се клучни за дигестивното здравје. Јадењето растителни влакна и храна богата со антиоксиданти, како што е брокулата, може да игра огромна улога во одржувањето на здравјето на цревата.
Луѓето што страдаат од констипација треба да консумираат брокула, бидејќи таа е одлична за редовно празнење на цревата.

Одлична е за мозочното здравје
Некои од нутритивните и биоактивните состојки со кои е богата брокулата може да го намалат ризикот од развој на болести на мозокот. Според една студија направена на 960 возрасни лица што јаделе брокула, тие имале помал ризик од развој на болести на мозокот, кои вообичаено се поврзани со стареењето. Брокулата го намалува ризикот од воспаленија на мозокот и на нервните ткива, како што е мозочен удар.
Таа ја поддржува работата на мозокот, а редовното консумирање придонесува за закрепнување на ткивото при повреда на мозокот или изложеност на отрови.

Го забавува процесот на стареење
Стареењето се поврзува со оксидативниот стрес. Иако тоа е процес што не може да се спречи, исхрана богата со здрави намирници може да го забави процесот на стареење. Истражувањата покажуваат дека сулфорафанот, кој е клучна компонента на брокулата, има капацитет да го забави биохемискиот процес на стареење.

Витаминот Ц го поддржува здравиот имунитет
Човечкиот имунитет е комплексен и бара голем број нутриенти за да функционира соодветно и нормално. Витаминот Ц е клучниот витамин што му е потребен на имунитетот за да функционира нормално, а брокулата нуди витамин Ц во изобилство. Истражувањата покажуваат дека витаминот Ц игра клучна улога во превенцијата од разни болести. Дневниот внес од 100 до 200 милиграми витамин Ц се чини дека е доволен за да се спречат одредени инфекции. Витаминот Ц вообичаено се поврзува со портокалите, но брокулата е една од најдобрите кога станува збор за овој витамин. Околу 80 грама брокула содржи 84 проценти од дневната препорачана доза витамин Ц.

Ги поддржува денталното и оралното здравје
Брокулата содржи голем број нутриенти, некои од нив се одлични за денталното и оралното здравје. Калциумот и витаминот Ц се најзаслужни за спречување болести на устата и непцата. Исто така таа спречува и канцер во устата. Консумирањето свежа брокула го спречува создавањето каменец и ги белее забите.

Здрави коски
Брокулата е одлична за здравјето на коските. Витаминот К и калциумот се едни од главните нутриенти потребни за здрави и силни коски. Исто така содржи фосфор, цинк, витамин А и Ц, кои се потребни за коските.

*Здрава бременост
Во бременоста, телото има потреба од многубројни витамини за здрав развој на бебето. Брокулата е богата со Б-витамини и Б9, познат како фолна киселина. Фолната киселина е одлична за развојот на мозокот на бебето и ’рбетниот мозок.


Нутритивна вредност
Брокулата изобилува со потребни витамини и минерали за организмот.
Нејзината нутритивност ѝ е најголема предност.
Околу 90 грама брокула содржи:
*Јаглехидрати 6 грама
*Протеини 2,6 грама
*Масти 0,3грама
*Растителни влакна 2,4 грама
*Витамин Ц 135 проценти од дневната препорачана доза
*Витамин А 11 проценти од дневната препорачана доза
*Витамин К 116 проценти од дневната препорачана доза
*Витамин Б9 14 проценти од дневната препорачана доза
*Калиум 8 проценти од дневната препорачана доза
*Фосфор 6 проценти од дневната препорачана доза
*Селен 3 проценти од дневната препорачана доза

[email protected]