Техно

Апликацијата Ватсап најави нови функции, кои на корисниците ќе им овозможат поголема приватност при користењето и дејствувањето на оваа платформа. Корисниците ќе можат нечујно да ги напуштаат групните разговори, да контролираат кој може да го види нивниот онлајн статус, т.е. видливоста, и да го блокираат снимањето на екранот во режимот на испраќање фотографии што се прикажуваат само еднаш.
Извршниот директор на „Мета“, Марк Закерберг, рече дека новата функција ќе помогне пораките на Ватсап да бидат приватни и безбедни како оние лице в лице.
Популарната апликација моментално ги известува членовите на групниот разговор кога некој ќе го напушти разговорот, што ќе се промени со новите опции. Отсега ќе можат да излезат без да ги известат сите други корисници на групниот разговор, туку само администраторот на групата.
Главниот директор за производи Ами Вора рече дека тоа е дел од фокусот на платформата на градење карактеристики на производот што им овозможуваат на луѓето да имаат поголема контрола и приватност врз нивните пораки.
Ниту една друга глобална услуга за пораки не обезбедува вакво ниво на безбедност за пораките, медиумите, гласовните пораки, видеоповиците и резервните копии на разговорите на своите корисници – вели Вора.
Корисниците, исто така, во иднина ќе имаат можност да дозволат само одредени контакти или никој да не го гледа статусот на нивната онлајн активност кога се активни на платформата.