Техно

Компанијата „Самсунг“ го патентира необичниот дизајн на паметен телефон во форма на буквата Л, кој има екран на преклопување. Станува збор за флексибилен екран што се отвора настрана, а кога е во „затворена положба“ е свиткан/преклопен кон задниот дел на уредот.
Функциите предвидени за овој уред потсетуваат на „ЛГ винг“, бидејќи секундарниот екран на Винг понекогаш се користеше за отворање секундарни апликации во помал прозорец или за прикажување дополнителни информации додека играте игра, гледате видеа и слично. Паметниот телефон може да се користи исправено или странично, со помошен екран што се отвора лево или нагоре. Бидејќи екранот се витка наназад, може делумно да се користи за пронаоѓање на видното поле за задните камери. Според скиците, има три камери и ЛЕД-блиц, но сѐ уште нема детали за нив.
Познато е дека има батерија во два дела, а екранот на преклопување би бил направен од ултратенкото стакло на „Самсунг УТГ“, истиот заштитен слој што се користи за телефоните „галакси зет фолд 3“ и „зет флип 3“.
Еден од предизвиците на овој дизајн би бил да се вгради шарка на внатрешната страна на уредот за да се свитка екранот околу неа. Овој вид шарка бара простор, па тоа можеби е причината за дводелната батерија.
Меѓутоа, треба да се има предвид дека компаниите често патентираат уреди што подоцна никогаш не ги произведуваат, па останува да се види судбината на овој уред.