Техно

Изгледа дека концептот „Виндоус како услуга“ пропадна, бидејќи „Мајкрософт“ ја промени стратегијата за издавање и подготвува нов Виндоус 12, кој ќе пристигне во 2024 година.
Порталот „Виндоус сентрал“ извести дека „Мајкрософт“ се враќа на тригодишниот циклус на издавање на оперативниот систем, како што беше случајот пред Виндоус 10, кој беше објавен во 2015 година. Според новиот план, следната верзија на оперативниот систем треба да биде достапна за две години. Во 2015 година, компанијата се откажа од претставување нова верзија на оперативниот систем на секои три години и во таа пригода ја претстави идејата за „Виндоус како услуга“, што значеше дека Виндоус 10 е последната верзија на оперативниот систем и дека тој ќе добива само дополнителни ажурирања во иднина. Динамиката беше таква што Виндоус 10 добиваше две големи ажурирања двапати годишно, кои носеа промени и нови опции.
Сето тоа се промени со објавувањето на Виндоус 11, со што заврши стратегијата за користење на оперативниот систем како услуга. Во исто време, „Мајкрософт“ започна да објавува годишно ажурирање за Виндоус 10 и Виндоус 11.
Компанијата официјално не ги коментираше плановите за својот оперативен систем, но во изминатите две години значително инвестираше во подобрување на оперативниот систем, особено за време на пандемијата, кога се зголеми употребата и кога беше претставен Виндоус 11.