Кога се во прашање јахтите, иднината е во самоодржливоста, а еден таков пример презентира италијанскиот дизајнер Марко Касали. Станува збор за концепт на суперјахта што претставува еколошка морска убавина. Долга е 57 метри и има голем број современи решенија, меѓу кои и „чиста“ енергија. Нејзиното име е „Вижн Е“, што значи визија и ја претставува еволуцијата во светот на јахтите.

Она што може да се забележи на прв поглед е базенот, кој овозможува пливање со поглед на море, а целата горна палуба е покриена со соларни панели. Јахтата е дизајнирана и со подвижен соларен покрив, кој кога ќе се отвори открива палуба од 487 квадратни метри за уживање и релаксација. Соларните панели можат да соберат до 62 киловати сончева енергија и да ја складираат во голема батерија. Потоа, таа батерија ја напојува јахтата.

Но јахтата не мора да користи сончева енергија, бидејќи има и хибриден дизел-електричен систем. Постои и опција јахтата еден ден да користи само чиста енергија, вклучувајќи и водород. Јахтата ќе може да плови во плитки води до 2,6 метри. На неа има седум кабини со балкони, кои овозможуваат директен пристап до морето, а денес не постои јахта што може да им го понуди тоа на сите гости. Покрај тоа, јахтата има и базен или кошаркарско игралиште, а ќе служи и како кино на отворено. Гостите ќе можат да уживаат и во големо џакузи.